Македонија
18. February 2021 - 12:30

Се покрива најголемиот одводен канал во Струмица

Струмица го покрива најголемиот отворен канал за прифаќање на атмосферските води во урбаниот дел, долг три километри. Наместо отворен порој кој несовесните граѓани го користеа и за фрлање на разновиден смет и отпад, за неколку месеци градот ќе добие модерен затворен канал со две паралелни сообраќајници, хортикултурно уреден и ново осветлување. Од општината велат дека на овој начин каналот ќе биде заштитен од несакани појави, ќе се подобри безбедноста во сообраќајот. Уверуваат дека затворањето нема да ја наруши неговата основна функција за прифаќање на атмосферските води, ниту пак неговото одржување.

„Консултиравме хидроинженери и градежни инженери и мислам дека се направени решенија коишто ќе овозможуваат ефикасно одржување на каналот и не постои опасност дека со тоа ќе се наруши функционалноста, напротив, мислам дека ќе биде подобра, има одредени инженерски решенија коишто го заштитуваат од можни несакани појави“, вели Коста Јаневски, градоначалник на Општина Струмица.

Проектот чини 35, 5 милиони денари. Според најавите првата фаза од реализацијата ќе трае осум месеци.