Македонија
15. October 2018 - 17:22

Се гради детска градинка во селото Спанчево

Започна реализацијата на проект за изградба на детска градинка во селото Спанчево во општина Чешиново - Облешево, за што ќе се преадаптира објектот на поранешната амбуланта кој е во сопственост на локалната самоуправа.

Градежните работи чинат 5,5 милиони денари, инвеститор е Министерството за труд и социјална политика, а според проектната документација градинката ќе биде со капацитет за згрижување на 50 деца.

- Изградбата на градинката во Спанчево беше неопходна за да се добие дополнителен простор за згрижување на децата од предучилишна возраст, со оглед што веќе е исполнет капацитетот во постојните два објекти во Чешиново и во Облешево. Со преадаптацијата целосно се заменуваат прозорците и вратите, како и кровната конструкција, а во објектот ќе се уредат занимална, кујна со трпезарија и санитарен јазол, истакна градоначалникот на Чешиново-Облешево, Горанчо Крстев. 

Според потпишаниот договор, изведувачот на градежните работи има обврска до крајот на годината да ја заврши адаптацијата на објектот, а пуштањето во употреба на градинката се очекува за напролет.