Македонија
5. December 2023 - 8:04

Се чекаат наодите од обдукцијата, распишана меѓународна потерница по првоосомничениот за убиството на Вања и Панче

Четириесет и осумчасовен притвор за таткото на Вања Ѓорчевска, откако претходно таква мерка им беше изречена и на тројца осомничени, но и почеток на официјална истрага и покрената меѓународна потерница за првоосомничениот е епилогот од вчерашниот ден во врска со грозоморното убиство на 14-годишното девојче и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, кое ја потресе јавноста во земјава, но и во регионот. Се чекаат наодите од обдукцијата и од преземените биолошки траги, за МВР да излезе со соодветна кривична пријава против осомничените, по што Јавното обвинителство ќе отвори истрага за сите инволвирани.

Скопскиот Кривичен суд синоќа го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство и определи краткотраен притвор од 48 часа за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. Како што наведуваат од Кривичниот суд, притворот е определен заради опасност од бегство и влијанија врв сведоци.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и скопскиот јавен обвинител Гаврил Бубевски вчера на прес-конференција ја образложуваа инволвираноста на таткото на Вања во случајот. Имено тројцата претходно приведени кажале дека тој му ги дал информациите на првоосомничениот во врска со движењето на неговата ќерка, за излегувањето од дома, маршрутата на нејзиното движење и други детали од нејзиното секојдневие. 

Во 48 часовен притвор за злосторството, додека не се обезбедат дополнителни докази, се и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се дел од партијата Десна на првоосомничениот, Љупчо Палевски - Палчо, кој е во бегство и надвор од државата.

Четворица приведени имаат ваква куса мерка од 48 часа додека МВР да ги поднесе кривичните пријави до Обвинителството за убиствата на Вања и Панче. Доколку се утврди дека станува збор за организирана група која изнудувала пари заедно со главниот осомничен Палевски, тогаш случајот може да го преземе Обвинителството за гонење организиран криминал.

Претходно вчера, Кривичниот суд на предлог на скопското Основно јавно обвинителство донесе наредба за спроведување истрага против Љупчо Палевски - Палчо, првоосомничениот, којшто е посочен како организатор и реализатор на убиствата.

-За осомничениот кој е во бегство по итна постапка е донесена Наредба за спроведување истрага за кривични дела - Грабнување од член 141 и Убиство од член 123 од КЗ. Јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Судот го прифати предлогот и донесе решение со кое притворската мерка ќе започне да се спроведува веднаш по неговото пронаоѓање и лишување од слобода, стои во соопштението од Јавното обвинителство.

Министерството за внатрешни работи вчера распиша и меѓународна потерница по Палевски.

 - Љупчо Палевски род.12.12.1964 год. во Скопје се бара со меѓународна потерница за истрага за кривични дела „грабнување" и "убиство“ по издадена наредба XV KO бр 3047/23 од Основното јавно обвинителство Скопје, објавено е на веб страницата на МВР.

Поради поставени прашања од поголем број медиуми во врска со тоа какви пријави досега се поднесени против Палевски во претходниот период, МВР вчера информира дека во 2019 година е поднесена кривична пријава за неовластено прислушкување и тонско снимање, а во текот на 2019 година поднесени се прекршочни пријави поради омаловажување на полициски службеник.

- Во 2020 година е поднесена кривична пријава за недозволено држење на оружје или распрскувачки материи и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија. Во 2005 година е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување и посебни случаи на фалсификување исправа, во 2002 година за лажно пријавување на кривично дело, а во 2000 година за даночно затајување, соопшти МВР. 

Министерот Спасовски и главниот јавен обвинител на ОЈО Скопје, Бубевски, откако во неделата вечерта МВР излезе со соопштение дека Вања е пронајдена мртва, вчера на прес-конференцијата соопштија дел од деталите од досегашната предистрага во врска со исчезнувањето на девојчето, кое беше пријавено на 27 ноември.

Според нивните сознанија, добиени од исказите од тројцата осомничени кои се во притвор, двете убиства ги поврзува еден извршител. Мотивот за убиствата, како што посочија, е користољубие, кое, според нив, поради паника завршува со ликвидација на малолетната Вања.

Првичните сознанија на полицијата и Обвинителството е дека групата сакала да изнуди пари од мајката на Вања, меѓутоа, до тоа не дошло. Ситуацијата, како што посочи обвинителот Бубевски, излегла од контрола кога мајката го пријавила исчезнувањето на својата ќерка и набрзо потоа целата јавност беше крената на нозе. Спасовски појасни дека на денот кога се случило грабнувањето имало две пријавувања, првото од мајката во 8:30, а во 11:00 часот исчезнувањето во полициската станица Центар го пријавил и таткото. По првата пријава веднаш се преземаат активности, а во Велес полицијата презема активности за случајот со исчезнувањето на 74-годишниот Панче.

- Имаме искази за тоа излегување од контрола на лицата кои што го признаваат ова дејствие и во полицијата, но и пред јавен обвинител. Нивните укажувања се во таа насока дека со оглед дека веќе имале некаква паника заради тоа што јавноста веќе била во тој момент целосно ангажирана во барањето на детето и едниот од нив решил во тој момент дека парите ќе ги барат подоцна, откако ќе помине целата ситуација и затоа решава во тој момент тоа дете да го ликвидира, појасни обвинителот.

Според изјавата на министерот Спасовски, Вања била грабната од влезот на зградата во која живее. Со врзани нозе и раце, во вреќа за спиење, таа била ставена во гепек во возило „цитроен“ кое припаѓало на исчезнатиот велешанец, Панче Жежовски, чие тело МВР исто така го пронајде во неделата по признанијата и насоките добиени од тројцата осомничени кои се во притвор, за тоа каде било закопано.

Според обвинителот Бубевски, велешанецот е само „прометна жртва“ која била искористена за да се земе неговата кола и да се заврши, како што рече „целокупниот криминален потфат“.

- Мотивот за убиството на Панче имале должничко-доверителски односи со еден од осомничените. Панче должел 500 евра на еден од осомничените и така е избран како жртва за да се земеме колата за да се изврши грабнувањето. Тоа е она што го имаме како некоја линија зошто е прво извршено грабнувањето и убиството на Панче, да тука се заврши целокупниот криминален потфат, рече Бубевски.

Министерот Спасовски информираше дека од предистрагата дознаваат дека „циторенот“ се движел во Скопје на 27 ноември, заедно со возилото „рено кангу“, до местото на злосторството, каде што е извршено убиството на Вања во атарот на село Бразда, општина Чучер Сандево.

Спасовски и Бубевски беа концизни дека организатор и реализатор на убиството, поточно, како што кажа обвинителот „оној што ги испукал куршумите“ е првоосомничениот, кој е во бегство.

Како што информираа лицето е заминато од државата со возило заедно со неговиот адвокат во Белград, а потоа во Бугарија.

Во меѓувреме, Телма излезе со изјава од адвокатот на првоосомничениот, дека го пренел во Белград, меѓутоа со сознание дека го носи на преглед.

-Ме замоли да го однесам во Белград бидејќи немал возило, а не можел да обезбеди нотар да му се преведе возилото. Јас врска немав за оваа работа. Знам дека требаше да оди во Белград, кажуваше дека закажал прегледи. Ако е така, му реков, ќе те однесам. Не знаев за овие работи. Јас се вратив во Скопје, тој остана затоа што требаше да има преглед другиот ден и рече ако ако е сѐ во ред ќе се врати назад. Ако не е во ред рече ќе одел во Истанбул. Кога се вратив полицијата прваше претреси, ме прашаа и тогаш им кажав, изјави адвокатот Васко Стојков за ТВ Телма.

Спасовски вети дека ќе стори, како што рече, „сѐ ова лице, или подобро овој монструм, на кое му ја следиме трагата, час поскоро штом стапне на наше тло, да биде изведен пред лицето на правдата“.

Бубевски посочи дека заради поврзаноста на едното и другото кривично дело со сторителите кои што се исти и за првото и за второто кривично дело, тоа добива најтешка можна квалификација од Кривичниот законик, и се казнува, како што рече „најтешко што може да се изрече казна во Република Северна Македонија“.

-  Кога ќе излезат наодите од обдукцијата, од сите оние преземени биолошки траги, активности кои се преземени и се докажуваат со соодветни вештачења, во тој момент, можеби денеска, или утре, МВР ќе излезе со соодветна кривична пријава со сите овие факти, со сите овие докази, и тогаш веќе ЈО ќе отвори истрага која е формална постапка за која можеме и според ЗКП да кажеме повеќе детали, рече вчера обвинителот.

Тој појасни дека мотивот е користољубие при грабнувањето, а потоа, како што рече „чисто убиство“ кое се казнува најстрого.

- Вкупните дејствија се квалификуваат како едно кривично дело убиство од последниот став од Кривичниот законик и најтешкото, тука нема веќе дилема што може да се очекува за сторителите на овој грозоморен настан, рече обвинителот

Последниот став за делото убиство од КЗ вели „со затвор од најмалку десет години или со доживотен затвор ќе се казни тој кој со умисла ќе лиши од живот две или повеќе лица, за кои претходно не му било судено, освен ако не се работи за кривични дела од член 9 став (3), член 10 став (3) и членовите 124, 125 и 127“.

Во однос на прашањето дали станува збор за група која дејствувала организирано, тој посочи дека допрва ги утврдуваат нивните врски.

-Оние кои се притворени и оние по кои се трага се некаква група која што сега ги утврдуваме нивните врски, дали можеме да ги наречеме организирана група или сѐ уште ги водиме како соизвршители на двете кривични дела. Ако се докаже дека се некаква група, тогаш ќе имаме соодветна правна квалификација за тоа, рече тој.

За инволвираноста на таткото посочи дека засега само посредни докази укажуваат дека учествувал во некакви насоки кога девојчето ќе излезе само, кога би можеле да го очекуваат за да се изврши тоа кривично дело на грабнување. 

- Таткото не може да го осомничиме ниту дека е дел од групата која што после го извршило најтешкото кривично дело, затоа што немаме такви сознанија за тоа. Имаме определени сознанија кои што ни кажуваат дека таткото имал одредена комуникација со лицето, сѐ уште ни е на основи на сомнение. Јас ќе ја задржам и таа структура на пресумпцијата на невиност сѐ уште за да не направам и друг проблем понатаму, со лицето кое што сега не ни е тука, дека двајца од тројцата осомничени, кога го прашале тоа лице, кажал дека овие сознанија ги имал од таткото на девојчето, рече тој.

Бубевски дополни и дека таткото ги негирал овие дејствија, а неговата инволвираност која што се уште ја сметаат за посредна во овој случај ја вадат од контекстот на она што го кажуваат другите инволвирани во случајот.

Она што ја прави приказната веродостојна, според Бубевски, е тоа што исказите одговараат со она што е пронајдено, а во делот на начинот како е извршено, рече дека ќе треба дополнително да се разјасни. Тој, исто така, потенцираше дека оружјето не е пронајдено. 

Во истрагата не е вклучена мајката, за која јавниот обвинител кажа дека нема никаква улога во, како што рече „никакви дејствија кои што се од проблематична природа“. 

Спасовски вчера одговарајќи на прашањето дали е загрозена јавната безбедност, потенцираше дека ова е изолиран, инцидентен случај кој имал организатори и имал крајна цел – да изнудат пари.

-Ова нема врска со јавната безбедност, генерално. Ова лице според утврдените факти е грабнато внатре во влезот во зградата, по претходно добиена информација кога излегува и дека излегува само. Тоа е сосема различно од тоа што се имплицира или што деновиве и синоќа слушнавме дека заради Самитот на ОБСЕ воопшто не се постапувало по барањето за девојчето и дека заради таа активност околу организацијата на Самитот ние не сме објавиле јавно, рече тој.

По повод смртта на 14-годишната Вања вчера во ООУ „Јохан Хајрих Песталоци“ во Скопје се запишаа голем број лица изразувајќи сочувство до семејството, пријателите, соучениците и другарчињата на Вања. Во книгата се запишаа и претседателот Стево Пендаровски со сопругата, премиерот Димитар Ковачевски и министерот за внатрешни работи Спасовски. Сочувство до семејството и најблиските на социјалните мрежи изразија претседателот на Собранието Талат Џафери, министри, голем број политичари, јавни личности кои побараа ова ужасно злосторство да биде најстрого казнето.

Убиството на 14-годишната Вања беше вест која ја пренесоа и медиумите од регионот, објавувајќи детали поврзани со злосторството изнесени на вчерашната прес-конференција на министерот Спасовски и обвинителот Бубевски.