Македонија
3. March 2017 - 13:24

Се асфалтира локалниот пат до штипското село Никоман

Почна асфалтирањето на локалниот пат меѓу штипските села Шашаварлија и Никоман. Раководителот за Инспекциски надзор во општина Штип, Тоше Ѓорѓиевски денеска изјави дека патот е во должина од три километри, а инвестицијата од 13 милиони денари е на општината.

-Изведувач на градежните работи е „Коле транс инженеринг“ од Штип. Со ова општина Штип покажува дека им посветува внимание на руралните средини и со ова се исправа една 70 годишна неправда за овие населени места кои немале асфалтен пат и инфраструктура, рече Ѓорѓиевски.

Портпаролот на општина Штип, Драган Ристов посочи дека со подобрувањето на временските услови во Штип почна и градежната сезона за изградба на голем број на инфраструктурни проекти.

-Знаете дека за цело време додека траеше зимата општината не мируваше, туку напротив се одвиваа тендерски постапки, со цел што побрзо и поефикасно општината да започне со асфалтирање на улици и локални патишта. Во оваа фаза и во наредните два месеци покрај изградбата на локалниот пат до село Никоман ќе се асфалтираат и други патишта од Плачковичкиот регион, додаде Ристов.

По завршувањето на овој пат ќе се асфалтираат и локалните патишта до Калапетровци, Почивало и Кошево.