СДСМ вели дека Владата е раскарана, ВМРО-ДПМНЕ одговори дека е стабилна и функционална
ДУИ ми понуди да се вратам за да се растури ВРЕДИ, тврди вицепремиерот Меџити. Понудата, како што вели, преку посредници ја добил прво тој, а не Таравари, но ја одбил.
„Ми понудија дека Ахмети ќе се пензионира, ќе има ново раководство. Но ги прочитав дека тоа е стратегија и мисија како да се подели ВРЕДИ. Полесно јас можам да ги излажам моите поддржувачи, да кажам Артан си избега, има кривична пријава и се реформирало ДУИ и правам напори да ги вратам назад. Она што не успеаја со мене, го пробаа со Таравари, и добро е Таравари да биде искрен со членството и да каже дека оди со ДУИ“, рече Меџити на Телма.
ДУИ експресно негираа. Изјавата на Меџити, оттаму ја нарекоа ниска лага.
„ДУИ не е и никогаш нема да стане засолниште за кланови, непотизам, корупција и слуги на антиалбански проекти. Вредностите на Изет Меџити не се и никогаш не можат да бидат наши вредности“, реагираа од партијата на Ахмети.
Министерот за надворешни, Муцунски, кој ни беше гостин во Тема на денот, рече дека дејствијата на Таравари го потпомагаат ДУИ, а ВМРО-ДПМНЕ не може да соработува со некој што го прави тоа. Тој е оптимист дека ќе се најде задничко разбирање на претстојната средба на премиерот Мицкоски со Таравари.
„Искрено да ви кажам, навистина сум разочаран, бидејќи за Арбен Таравари како човек, како мој колега, имам позитивно мислење. Тој е некој со којшто треба да соработуваме и треба да градиме иднина напред, но истовремено сум разочаран кога гледам како неговите дејствија единствено што прават на терен е го потпомагаат функционирањето на ДУИ“ – Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи
СДСМ оцени дека Владата е раскарана.
„Коалицијата на ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ е во постојани кавги и целосно нефункционална. Наместо да работат за интересите на граѓаните, тие се занимаваат со меѓусебни пресметки, блокади и партиски калкулации. Додека владата на ДПМНЕ тоне во расправии и нема капацитет за реализација на проекти и политики од интерес на граѓаните, државата стои!“, оценија од опозицијата.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, возврати дека Владата е стабилна, функционална и целосно посветена да обезбеди подобар животен стандард за граѓаните.
„Слободното изразување мислење и став за најразлични проблематики, за СДС изгледа е непознат поим. Но, што може и да се очекува од СДС, партија која на таканаречени внатрепартиски избори оди со еден кандидат, без можност членовите да имаат избор. Во владината коалиција владее демократија каде што секој има право на свое мислење, слободно изразување и партиско делување“, пишуваат од владејчката партија.
Мицкоски и Таравари ќе седнат на заедничка маса по први мај.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар