Македонија
28. December 2025 - 16:23

СДСМ со нова т.н бомба, ВМРО-ДПМНЕ ги бара документите со кои Филипче добил златна виза

Фирма без работници,без претходно реализирани договори, без искуство добила тендер од над еден милин евра од Пошти. СДСМ денеска објавува нова т.н бомба, со информација која до нив пристигнала од свиркачи на платформата мицко.мк. 20-тина дена по добивање на тендерот, според опозицијата, сопственик на фирмата станува советник од редовите на ЗНАМ.

Фирмата БС Клининг увоз-извоз ДООЕЛ Скопје, основана на 10 јули 2024 година, добила тендер во вредност од 1,2 милиони евра од Пошта на Северна Македонија. Договор што го склучила е за чистење и одржување на хигиена. Фирма без работници, без претходно реализирани договори, без искуство. Само дваесетина дена откако фирмата го добива милионскиот тендер од Пошти, на 24 ноември 2025 година, нов сопственик станува Сашо Петровски.  

Како фирмата да била основана исклучиво за да го добие тендерот. Сопственикот се менува непосредно по изборот на тендерот. Но, извесен Сашо Петровски е советник од ЗНАМ во Општина Кисела Вода, вели Рената Младеновска - Извршен одбор СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ пак и денеска бара Филипче да ги објави документите врз основа на кои има добиено златна виза за Дубаи, каде според власта Заев гради згради. 

За добивање златна виза во Дубаи потребна е минимум инвестиција од 500.000 долари, недвижност или бизнис. Оттука, јавноста има право да добие јасен одговор дали Венко Филипче ја добил визата поради инвестиција од најмалку 500.000 долари, поради недвижност или бизнис? Венко Филипче досега не одговори дали има или нема стан во Дубаи и дали токму тоа е основата за добивање на златна виза. Наместо молк, потребни се факти и документи, вели Валентин Манасиевски, ВМРО-ДПМНЕ

Од СДСМ возвратија дека власта секојдневно шири лажни информации за да ја дефокусира јавноста од сопствените криминали. Филипче е доктор кој според партијата воопшто не се занимава со градење згради во Дубаи.