Бизнис
3. October 2016 - 19:44

СДСМ ги презентираше мерките од економската програма

Низа мерки на краткорочен и среднорочен план за подобрување на економската состојба на граѓаните и условите за фирмите, најави лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

На конгресот на партијата тој вети покачување на минималната плата на 12.000 денари и дека до крајот на мандатот на владата истата ќе изнесува 16.000 денари. При тоа ротаботодавачите ќе добиваат поврат за секоја исплатена бруто минимална плата.

Програмата предвидува државна подршка за домашните мали и средни претпријатија од 20 милиони евра годишна со цел да се зголеми на 50 милиони евра.

- Ова се реални основи низ коишто ќе отвораме нови, стабилни работни места. По 108.000 денари државна помош ќе добиваат фирмите за секое отворено работно место. По 100.000 денари државна помош ќе добиваат фирмите што ќе вработат лице до 50- годишна возраст и ќе му овозможат просечна плата. На овој начин се грижиме и за граѓаните на оваа специфична возраст, кои се во врвот на искуството, а не се вработени, рече Заев.

Серија мерки Заев промовираше и во земјоделството, како што се укинување на персоналецот за земјодецлите кои се оданочуваат паушално. Поддршка за младите земјоделци со 10% повеќе субвенции, ослободување од закуп на земјиште, формирање фондови за осигурување од непогоди и за надомест при пад на приходите.

За активни мерки за вработување во програмата се предвидени 22 милиони евра годишно, со што, како што рече Заев, во еден владин мандат би обезбедиле 64 илјади нови работни места.

- Ќе создадеме систем за Повеќе пари кај граѓаните. На секој граѓанин ќе му се вратат 15% од платениот ДДВ од потрошувачките сметки. Системот ќе содржи ограничувања кои ќе спречат злоупотреби и поголемо раслојување. Ова е само еден од начините како ќе ги намалиме животните трошоци. Ќе ја вратиме ефтината тарифа на струјата. Ќе ја укинеме радиодифузната такса. Ќе ги ограничиме извршителските трошоци што сега се огромни, рече Заев.

Меѓу мерките на СДСМ за поттик на економијата се неповратна помош од 10 илјади евра за реализација на бизнис идеја, бесплатен деловен простор и сметководство за старт-апи, кредити со 1% камата за микро бизниси, поврат на третина од инвестицијата на повратници од странство.