СДСМ бара оставка од Кочоска - Министерката која понижува граѓани не заслужува да раководи со институција
СДСМ бара оставка од министерката за финансии поради навредите упатени кон пратеничката Петровска и ширење дискриминација. Опозицијата ќе иницира и законски измени со кои ќе се санкционира секој ваков говор на функционери со кој како што тврдат биле дискриминирани граѓаните. Најавија свикување на итна седница на Комисијата за дискриминација за однесувањето на Кочоска.
Министерката вели дека веќе изразила жалење за целиот контекст и смета дека ова е обид на опозицијата да создаде лажна тема за дефокус на нејзината работа.
Спикерот Гаши изрази жалење за како што ги нарече таквите испади со кои се руши дигнитетот на Собранието. Повика сите да го почитуваат етичкиот кодекс на парламентот.
Силна осуда на напади врз жените и загрижувачкиот пораст на мизогинијата во јавната сфера упатија од Платформата за родова еднаквост.
„Овој опасен наратив директно придонесува кон уназадување на позицијата на жените во општеството. Да се сведе улогата на една жена само на „мајка“, а притоа да не се адресираат и решаваат проблемите на жените кои се позасегнати од сиромаштијата, грижата за децата и старите лица, без родова и социјална инфраструктура, е крајно непочитување и игнорантски пристап.
Овие реакции следат по вчерашната седница на пратенички, кога на одговор на прашање упатено од пратеничката Петровска за потрошувачката кошница, министерката и рече дека таа немала право да дискутира на темата бидејќи не е мајка и не знае колку трошоци има едно просечно семејство со деца. Пратеничката Петровска веќе најави претставка до комисијата за заштита од дискриминација.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар