Свет
30. јуни 2021 - 11:58

Санчез: Нема да има нов референдум за независност на Каталонија

Нема да има референдум за отцепување на Каталонија од Шпанија, соопшти шпанскиот премиер Педро Санчез, говорејќи пред пратениците во Конгресот (Долниот дом на парламентот).

-Нема да има референдум за самоопределување, освен доколку оние кои го поддржуваат  можат да убедат три петтини од овој дом да го смени членот 2 од Уставот (за неповредливото единство на шпанската нација), а потоа Шпанците да ги одобрат овие измени на национален референдум, им објасни премиерот на шпанските пратеници.

Санчез, исто така, увери дека шпанската Социјалистичка работничка партија, чиј лидер е, „никогаш нема да се согласи со плебисцит“.

Шпанскиот премиер и каталонскиот премиер Пере Арагонес вчера го одржаа својот прв состанок во Мадрид откако овој на 21 мај беше потврден за нов лидер на автономијата. Како резултат на тоа, Арагонес, кој го поддржува отцепувањето од кралството, кажа дека во септември во Барселона ќе има состанок меѓу претставниците на регионалните и централните влади за решавање на каталонската криза. Тој уште еднаш зборуваше за поддршка на плебисцитот за независност на регионот.

Гласањето за отцепување од кралството во Каталонија се оддржа на 1 октомври 2017 година, а Мадрид првично референдумот го нарече нелегитимен и одби да ги признае резултатите. На 27 октомври истата година, Парламентот на Каталонија одобри резолуција со која се прогласи независна република. Како одговор на тоа, шпанските власти го искористија никогаш неприменетиот член 155 од Уставот, и ја ограничија самоуправата во овој регион.

Во октомври 2019 година, Врховниот суд на Шпанија донесе пресуда во случајот на 13-те сепаратистички политичари, вклучени во организирање на референдумот, осудувајќи ги на казни затвор до 13 години. Некои од учесниците во случајот беа прогласени за виновни за поттикнување немири.

На 22 јуни годинава шпанската Влада одобри помилување за овие осудени лица.