Македонија
8. October 2018 - 17:09

Самарас: Некоја идна Влада ќе мора да се ослободи од обврските кои ги преземаме со договорот за името

Договорот од Преспа и ги врзува рацете на Грција да приговара на членството на Македонија во Европската Унија, што не е случај со договорот со Бугарија, смета поранешниот грчки премиер и актуелен пратеник на Нова Демократија, Андонис Самарас.
 
Во обраќањето пред стопанската комора на Кавала, Самарас тврди дека ниту еден грчки политичар во минатото не прифатил македонски јазик, нација и идентитет, како владата на Сириза.
 
,,Договорот од Преспа, на Скопјаните и официјално од грчката страна им го дава името на Македонија и признавање на националност - наводни Македонци и признавање на македонски јазик и признавање на македонски идентитет. Односно им дадоа се‘. И покрај вистинските несогласувања што постоеја во минатото за управувањето со прашањето од различни влади, ниту еден грчки политичар никогаш не прифати да се признае нација, јазик и идентитет Македонец. Никој‘‘, вели Самарас. 
 
Креаторот на спорот за името од почетокот на деведесеттите додава дека секогаш сметал дека не треба да се даде името Македонија, оти сите, официјално ќе ги нарекуваат, не Северномакедонци, туку само Македонци.
Тој потврди дека, како пратеник, а и целата пратеничка група на Нова Демократија нема да гласа за ратификување на договорот, ниту во опозиција, ниту како идна влада, која ќе треба да се ослободи од обврските од Договорот од Преспа.
 
,,Ако сепак се ратификува во грчкиот Парламент, од гласови на СИРИЗА и на сите други кои што се подготвени да соработуваат со СИРИЗА, интеграцијата на Скопје во НАТО е веќе суштински завршена. Но, само тоа. Сите други долгорочни обврски од Договорот од Преспа, нема да издржат. Следните грчки влади ќе бидат принудени порано или подоцна, неизбежно да се ослободат од нив. Зошто? Бидејќи не можеме да прифатиме македонски јазик и идентитет, затоа што ова очигледно ќе има последици и во внатрешноста на Грција, затоа што тогаш би го легализирале скопскиот иредентизам во Грција‘‘, рече Самарс.
 
Поранешниот премиер прашува дали со договорот би се барало од Грција да одржува посебни часови за учење на македонски јазик, кој го има одобрено и грчкиот парламент.
 
Валентин Николоски, Сител телевизија.