Балкан
15. November 2017 - 17:27

Салваторе Куочи ја презеде должноста командант на КФОР

 

Италијанскиот генерал-мајор Салваторе Куочи денеска ја презеде должноста командант на меѓународната мировна мисија предводена од НАТО во Косово - КФОР, наследувајќи го неговиот сонародник Џовани Фунга. 

Церемонијата за примопредавање на должноста беше одржана во базата на КФОР во Приштина. 

На церемонијата, 22-от командант на КФОР, Куочи наведе дека мотото на мисијата ќе биде трајна посветеност. 

- Тоа значи дека ќе продолжиме да им помагаме на институциите во Косово во нивната стабилизација и демократизација и ќе продолжиме да го следиме патот кон подобар регион, нагласи новиот командант на КФОР. 

Косовскиот претседател Хашим Тачи, кој присуствуваше на церемонијата, наведе дека сите треба да им оддадат почит на војниците на КФОР, но нагласи дека Косовските безбедносни сили се подготвени за нови одговорности. 

- КФОР ужива најголема доверба меѓу граѓаните на Косово, без оглед на нивната етничка припадност. КФОР во минатато го чуваше мирот во Косово, но и на Балканот, рече Тачи, додавајќи дека Приштина ќе ги продолжи преговорите со Белград за нормализација на односите 

Тој посочи дека, благодарение на КФОР и НАТО, Косовските безбедносни сили денес се мултиетнички сили во служба на сите граѓани и се подготвени да преземат нови одговорности. 

Досегашниот шеф на мисијата Фунга, потенцираше дека за време на неговиот мандат на прво место го ставал народот на Косово. 

Коучи, неодамна го заврши својот мандат во мировната мисија во Либан.