Safe City би можел да биде пролонгиран за еден месец – за еден ден регистрирани 110.000 прекршоци
Safe City би можел да биде пролонгиран еден месец, па наместо од Нова Година да стартува од февруари. Министерот Тошковски вели дека во Собранието допрва ќе бидат поднесени предлог-законските измени кои мора да бидат донесени за системот да може да биде целосно имплементиран, без повторно да открие кои точно законски измени треба да бидат спроведени за Safe City да нема законски пречки во функционирањето.
Во меѓувреме, ќе се користи овој тест период за видат слабостите и мааните на системот, но и за дебата во јавноста, па кога ќе се пушти – државата да биде целосно подготвена.
-Можеби граѓаните ќе оценат дека е потребно уште месец дена да имаме за адаптација, можеби тоа ќе биде подобро како техничко решение за имплементирање, можеби ќе продолжиме уште месец дена плус се со цел да го провериме суштински, да сме целосно сигурни дека тоа е тоа. Граѓаните да бидат целосно запознаени, да се отворат теми за дебата повеќе во јавноста, но секако, дали ќе биде 01.01 или 01.02, тоа е небитно, вели Тошковски.
Меѓу работите што треба да бидат дебатирани е дали да се остави секое надминување на брзината да биде санкционирање, или да се остави простор за отстапки од 10% од максимално дозволената брзина.
-Има примери во Европа кадешто нема никаква толеранција, како што е Швајцарија, Белгија и некои други држави. Имаме примери во Европа кадешто е дозволено толеранција на ниво на 10% од почетната утврдена брзина којашто е старт за сторување на прекршок. Тоа ќе размислиме, еве, во наредниот период ќе видиме како ќе го имплементираме. Меѓутоа, има примери европски, нели таму се стремиме, не се стремиме на Исток, да го имплементираме и едното и другото. Ама, факт е дека ако сме се договориле дека максимална дозволена брзина во град е 50, факт е дека треба да возиме 50, вели Тошковски.
МВР вчера соопшти дека во првата фаза Safe City ќе регистрира само четири видови на прекршоци, брзо возење, поминување на црвено, непрописно паркирање и застанување и истечена сообраќајна, а во наредната фаза профилот на прекршоци ќе биде проширен.
Тошковски денеска не сакаше да открие што точно камерите ќе следат во иднина и кога системот би можел да добие повеќе надлежности. Системот во моментот не регистира возење без појас, со мобилен телефон, непрописно престројување, возење во жолта лента, светла итн.
За само 24 часа, камерите за автоматско регистрирање регистарски таблички забележале фрапантни 110.000 прекршоци на територијата на Скопје.
-Катастрофална бројка... колку што се сеќавам, некаде околу 1.000 прекршоци се однесуваат на нерегистрирани возила, катастрофална бројка. Негде околу 5.000 прекршоци мислам дека беа поминување на црвено, катастрофална бројка. И за оваа бројка не ме држете за збор, ама тука некаде е, сигурно е во илјадници, но, најстрашното е што негде околу 90% од вкупната бројка, ако не и повеќе е пречекорување на брзина, вели Тошковски.
Нема толеранција за неприлагодена брзина, вели премиерот Мицкоски, дополнувајќи дека е свесен оти Safe City би можел да има политички реперкусии.
-Некои велат тоа ќе донесе критика за Владата, тоа ќе донесе силен политички удар. Јас велам, подготвени сме тој политички удар да го издржиме, само да спасиме некој човечки живот, вели Мицкоски.
Safe City е еден од најдолгонајавуваните проекти, уште од 2023. Планот е да биде проширен и во други градови, иако Тошковски денеска кажа дека до средината на 2026 целата држава ќе биде покриена со вакви камери. Системот треба да воспостави ред во сообраќајниот хаос и да го намали бројот на жртви со оглед на тоа што годишно во просек по 137 луѓе гинат во сообраќајни несреќи.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
