Балкан
15. February 2018 - 13:34

САД против идејата за размена на територии меѓу Косово и Србија

Тајните преговори, кои наводно се во тек меѓу високи косовски и српски официјални претставници, за размена на територии меѓу Косово и Србија, немаат поддршка ни од САД, се вели во одговорот од амерканската Амбасада во Приштина, на прашање на приштинскиот весник „Газета експрес“.

Амбасадата наведува САД се против ваквата идеја, бидејќи размената на територии би предизвикала повеќе проблеми отколку решенија.

- Ние не ја поддржуваме размената на територии или преседани што ќе предизвикаат повеќе проблеми, отколку решенија, но сите страни треба да бидат креативни за да најдат решение, стои во одговорот.

Во дописот се додава дека САД продолжуваат силно да го поддржат дијалогот меѓу Косово и Србија, со посредство на ЕУ и ги охрабруваат двете страни да ги забрзаат своите напори за целосно нормализирање на меѓусебните односи.

Белград Приштина

- Ние сме подготвени да слушнеме, да помогнеме и да бидеме креативни во поддршката на напорите за постигнување сеопфатен договор, што е единствениот начин да се отвори патот кон западната иднина на Косово и Србија, се посочува во одговорот од американската Амбасада во Приштина.

На идејата за размена на територии меѓу Косово и Србија пред неколку дена отворено се спротивстави и Германија.

Весникот „Газета експрес“ тврди дека идејата за поделба на Косово или размена на територии со Србија е поддржана од Белград, албанскиот премиер Еди Рама и грчкиот министер за надворешни работи Никос Котѕијас.

Косовскиот претседател Хашим Тачи, за кого се тврди дека се согасил со идејата за поделба на Косово, деновиве изјави дека „идејата е далеку од неговиот ум и институциите на Косово“ и оти ваквите идеи не носат ниту мир, ниту стаблност.

Хашим Тачи

Според него, идеите за поделба на Косово постоеле и порано, но тие се штетни и дестабилизирачки за Косово.

- Ова е нешто мртво. Имаше идеи за поделба и порано, но јас бев јасен, почитувањето на територијалниот интегритет е повеќе од значаен. Прашувате за вмешаност на Албанија. Тоа не е потребно. Косово е суверена земја и сама одлучува. Греши оној кој мисли дека ние дискутираме за Косово преку Албанија, посочи Тачи.

Весникот потсетува дека големите сили, познати како Контакт група (САД, Велика Британија, Германија, Франција, Италија и Русија) во 2005 година при одредувањето на шест начела за решавање на финалниот статус на Косово, силно се спротивставиле на идејата за негова поделба.