САД почна да брои жртви од масовните анти-расистички протести, што ескалираа во последното деноноќие
САД почна да брои жртви од масовните анти-расистички протести, што ескалираа во последното деноноќие. Се протестира ширум целата држава. Откако толпата во Лос Анџелес запали неколку полициски автомобили, полицијата возврати со солзавец и гумени куршуми. Во Чикаго, пак, демонстрантите фрлаа камења кон полицијата.
Јавноста ја потресе и снимката од Бруклин, каде два полициски автомобили буквално ги туркаат насобраните граѓани.
И во Атланта протестите излегоа од контрола, па беа искршени прозорите од зградата на СиЕнЕн, а полицијата едвај успеала да ги спречи граѓаните да не влезат во телевизијата.
Веќе втор ден по ред демонстрации има и пред Белата Куќа.
Претседателот Доналд Трамп на својот Твитер профил напиша дека: „Професионално менаџираните т.н. демонстранти пред Белата Куќа има сосем малку врска со почитта кон Џорџ Флојд. Тие се таму само за да предизвикаат проблеми”.
Трамп им порача на демонстрантите да не се осмелуваат да навлезат во Белата Куќа и побара од службениците, задолжени за ред и мир, да бидат многу построги против анти-полициските протести. Во спротивно се закани дека ќе ја вклучи војската и дека ќе има многу апсења.
Причина за немирите во Америка е трагичниот настан кога пред шест дена полициски службеник го задави афроамериканецот Џорџ Флојд. Граѓаните бараат одговорност и апсење на полицајците кои употребиле преголема физичка сила кога го приведувале невооружениот Флојд. Инаку, четворицата службеници кои биле инволвирани во случајот се отпуштени од работа.
Како резултат на масовните протести воведен е полициски час во 25 градови ширум САД.
Демонстрациите против расизмот се прелејаа и во Канада, каде неколку илјади луѓе излегле на улиците извикувајќи „Ние сме важни” и „Нема правда, нема мир”.
А во светот се протестира и поради строгите карантински мерки за сузбивање на коронавирусот, како и поради сега веќе видливите економско-финансиски последици од нефункционирањето на општеството изминатиот период. Откако една автомобилска компанија во Франција информираше дека ќе отпишти околу 15.000 работници ширум светот, французите излегоа на улиците. Велат дека им се неопходни работните места за да преживеат и бараат да се изнајде начин за санација на последиците од здравствената криза, но без откази за вработените.
Се протестираше и во Рим. Таму жителите бараат да се укинат рестриктивните мерки, кои траат најдолго во Европа. Сакаат да се вратат на работа, бидејќи се соочуваат со огромни финансиски проблеми. Се жалат дека се со скратени или целосно укинати примања и на нивните транспаренти пишува „Гладни сме”.
Во неколку градови во Аргентина граѓаните се на улица и бараат од властите да ги укинат ограничувањата воведени пред повеќе од два месеци. Во рацете носеа транспарентни со натписи против теории на заговор во врска со вакцинацијата и 5Г мрежата.
Рестрикциите поради коронавирусот се причина за протести во многу држави ширум светот.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар