Македонија
14. May 2020 - 17:27

САД обезбедија 16 милиони долари за антикорупција, иницијативи за млади и економска конкурентност во земјава

Министерката за финансии Нина Ангеловска и претставникот на Канцеларијата на УСАИД во земјава Ерик Јановски потпишаа договор со кој Владата на САД обезбеди 16 милиони американски долари за Македонија, наменети за намалување на корупцијата, подобро интегрирање на младите во општеството и зголемување на економската конкурентност.

Како што соопшти Амбасадата на САД во Скопје, со договорот се предвидува поддршка на активности на централната и локалните власти за искористување и успешно управување со финансиските ресурси и спроведување на механизми за отчетност, на работата на Државната изборна комисија да спроведе слободни и фер избори и да го следи финансирањето и трошењето на политичките партии за време на изборите, на граѓанските организации за да се вклучат конструктивно во јавните политики и практики за поголема отчетност и владеење на правото и на Министерството за образование и наука за да промовира меѓуетничка кохезија и граѓанска култура кај децата и младите.

Предвидени се и средства за законската рамка за производство на обновлива енергија, како помош за зголемување на инвестициите во домашно производство на електрична енергија, намалување на зависноста од увоз на енергија и овозможување одржлив енергетски систем.

– Нашата заедничка цел е просперитетна, инклузивна и самоодржлива Македонија. Со борба против корупцијата, создавање можности за младите и поддршка на економскиот развој, ние се обидуваме да и помогнеме на Македонија да го постигне својот потенцијал како просперитетна европска земја целосно интегрирана во трансатлантските институции, изјави американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Бирнз.

Министерката Ангеловска нагласи дека земјава го цени проширувањето на партнерството со САД и залагањето за постигнување на заедничките цели.

– Овој договор е доказ за нашето партнерство, сега и од позицијата на НАТО сојузници. Оваа соработка за нас е од големо значење, особено во новото глобално окружување креирано од Ковид-19 на кое треба да одговориме и да продолжиме со прогресот и нашиот пат кон Европската Унија, додаде Ангеловска.

Од 1993 година, па до сега, САД имаат инвестирано повеќе од 1,2 милијарди американски долари во земјава, вклучително и над 830 милиони американски долари преку УСАИД.

– УСАИД е водечка меѓународна агенција за развој во светот и двигател кој води до развојни постигнувања. Работата на УСАИД ја унапредува националната безбедност и економскиот просперитет на САД, ја отсликува американската великодушност и на земјите со кои соработува им помага на патот до самостоен и стабилен развој, се наведува во соопштението на Американската амбасада.