Свет
4. August 2016 - 12:18

САД: Нема да има нова финансиска помош за Пакистан

Американскиот министер за одбрана Ештон Картер соопшти дека американските власти нема да донираат нови 300 милиони долари воена помош на властите во Пакистан, поради нивните неуспеси во борбата со вооружените групи на авганистанска територија, јави весникот „Вашингтон пост".

Пентагонот одлучи повеќе да не го помага Пакистан финансиски што може да им нанесе сериозен удар на американско-пакистанските односи. Тоа е знак за разочараноста на САД од неагилноста на властите во Исламабад во борбата со екстремистите кои сејат насилство во Авганистан, образложува весникот.

- Картер реши да не сведочи пред Конгресот дека мерките на Пакистан против групата Хакани која е поврзана со талибанците, се доволно ефективни, изјави портпаролот на Пентагон, Адам Стамп.

Сево ова само ги подгреа и онака актуелните гласини за затегнатите односи помеѓу Вашингтон и нивниот наводен сојузник за когошто многумина тврдат дека води „двојна игра“.

Од 2002, согласно усвоената програма, САД испратиле околу 14 милијарди долари во Пакистан.