Свет
17. February 2022 - 10:52

САД: Девојче исчезнато од 2019 година најдено живо во тајна соба под скали

Две години по исчезнувањето, шестгодишно девојче било пронајдено живо и во добра здравствена состојба во скриена соба во Њујорк, соопшти полицијата, сомневајќи се дека била киднапирана од нејзините биолошки родители, кои претходно го изгубиле старателството.

Полицијата го пронашла девојчето Пејсли Шалтис во понеделникот во малото гратче Согертис, во сојузната држава Њујорк, две години откако исчезнала во Спенсер, место кое се наоѓа на 290 километри западно.

Полицијата верува дека девојчето било киднапирано од нејзините биолошки родители, 33-годишната Кимберли Купер и 32-годишниот Кирк Шалтис Јуниор, кои немале старателство над неа.

Полицијата во понеделникот добила пријава за локацијата на девојчето и налог за претрес. Отишле во куќата на нејзиниот дедо, која ја барале речиси цел час, пред да ја најдат во импровизирана просторија под скалите што водат во подрумот.

Откако ги извадиле даските, девојчето и нејзината мајка Кимберли биле пронајдени во темница.

Пејсли била однесена во полициска станица каде лекарите ја прегледале. Таа била во добра здравствена состојба и се вратила кај својот старател, а уапсени се нејзините биолошки родители и 57-годишниот дедо Кирк Шалтис.