Свет
7. March 2022 - 16:32

Русија ја стави Македонија на листата непријатели

Русија официјално не прогласи за непријател. Македонија од денеска е на црната листа на држави за кои Москва смета дека преземаат непријателски акции кон Русија, нејзините компании и граѓани.

На листата со речиси 50 земји, освен Македонија, се наоѓаат САД, целата Европска Унија, Обединетото Кралство, а од регионот – на списокот се Црна Гора и Албанија.

Москва објави и дел од мерките против т.н “непријателски држави”. Руските компании кои сакаат да соработуваат со фирми од оваа листа ќе мора да добијат посебна владина дозвола, а обрските кон странските доверители ќе мора да ги праќаат исклучиво во рубљи.

Веста до македонското МНР стигна за време на брифингот на министерот Османи со медиумите.

“Ние официјално не сме информирани за промени на Руската Федерација кон нас, Нашата позиција кон Руската Федерација во котекст на оваа агресија е јасно искажана, таа е јавно манифестирана и ние ќе се придружиме на сите одлуки на ЕУ”

Објавата на руската амбасада дека со големо внимание се евидентира нивото на русофобија во земјава и дека се бележат сите антируски дејствија е класична закана, вели Османи – закана по која веќе подготвуваме соодветен одговор.

“Таа е непристојна објава и е класична закана која што не е објавена само кај нас, туку во сите земји во светот, пред се во Европа и ние ја интерпретираме како таква, како закана која што е надвор од нормалната дипломатска комуникација помеѓу две држави…Ќе имаме средба во МНР да разговараме за ова...”

Во моментов во Македонија не постои директна закана по безбедноста, вели Османи.

Министерот одби да направи споредба на спорот кој доведе до руско – украинска војна со македонско – бугарското прашање, велејќи дека таквата аналогија не е во наш интерес.