Свет
21. October 2015 - 10:04

Русија ја привршува изградбата на голема воена база на Арктикот

Руското Министерство за одбрана соопшти вчера дека ја привршува изградбата на голема воена база на во северниот дел на Арктикот, каде 150 војници можат да поминат 18 месеци, без да зависат од ништо, пренесе БТА.

Министерството истакна дека базата, која е подигната на островот Александрова земја, дел од архипелагот Земјата на Франц Јозеф, е „готова 97 проценти“.

Објектот, наречен „Арктичка детелина“, зазема површина од 14.000 метри квадратни и е составен од три дела, обоени во црвено, сино и бело како руското знаме.

Зградата може да собере 150 војници и располага со големи складишта за гориво, храна и облека.

Војниците можат да преминуваат од едното крило на објектот во друго, без да излегуваат надвор, каде преку зима температурата може да падне до минус 47 степени Целзиусови. Има и капацитет да се испумпува гориво од танкери.

Земјата на Франц Јозеф претставува група острови меѓу Баренцовото и Карското Море, северно од архипелагот Нова земја.

Русија веќе изгради слична воена база со име „Северна детелина“, на островот Котелни во Источносибирското Море.