Бизнис
16. February 2016 - 10:16

Рудникот „Саса“ со нови проекти за безбедност при работа и заштита на животната средина

Рудникот „Саса“ во соработка со странски експерти, годинава ќе работи на нови проекти од аспект на безбедноста при работа  и заштитата на животната средина. Во таа смисла потпишани се договори за работа во три сегменти, од областа на безбедноста при работа, заштитата на жиотната средина, како и на севкупната состојба во рудникот.
 
Во планот за работа во оваа 2016 година, како насока од новите сопственици на рудникот, потпишани се договори со светски реномирани фирми, истакна за МИА генералниот директор на „Саса“, Александар Раков.
 
- Попишани се три договори кои се однесуваат за безбедност при работа со една австралиска компанија со која „Саса“ и претходно имала соработка. Истовремено со американска компанија која во моментов е на увид и ни дава препораки во делот со заштитата на животната средина. Исто така, за рударството во целост, имаме склучено договор со светска консултантска куќа која почна да работи оваа година во рамки на договорот со новите сопственици, рече Раков.
 
Во 2016 година рудникот планира да произведе  700 илјади тони сува руда, а во 2015  ископани се 778 илјади тони сува руда.  Меѓутоа, нестабилната цена на металите на светската берза која  се спушти на 1.600 долари по тон, дава негативни реперкусии врз рударството, рече Раков.  Моменталната цена на оловото е 1843 долари за тон, додека на цнкот 1715 долари за тон.
 
- Тоа е критично за работата на еден рудник, но цената на металите сега има тенденција з а покачување и се надеваме дека ова ниво на цени ќе се задржи подолг временски период.  Во конечниот буџет немавме никакви импликации во нашето секојдневно работење, бидејќи во буџетот за 2016 ние планиравме одредени цени на металите и во овој момент ги исполнуваме планските  бројки и не се одрзауваат цените на металите во работата, потенцира Раков.
 
Рудникот има две нови концесии, едната е за експлоатација, а другата за геолошки истражувања кои треба да го продолжат векот на рудникот.
 
- Моментално рудникот ги поседува сите дозволи за понатамошно работење. Лани добивме проширена концесија за експлоатација, каде што веќе почнавме со работа, а оваа година ги завршуваме деталните геолошки истражувања на теренот доделен под концесија и во зависност од резултатите на овие истражувања, ќе добиеме нови податоци за понатамошен развој на рудникот. Да појаснам, новата концесија е во рамки на проширување на концесијата за експлоатација и е со површина од 0,84 км2, а концесијата за геолошки истражувања  надминува 1 км2, рече Раков.
 
Ноември, минатата година рудникот доби нов сопственик.
 
Американскиот инвестициски фонд ОРИОН не донесе промени во раководството, во програмата за работа, ниту во бројот на вработени. За раководството на РОЦ Саса  е од големо значење што сопственикот го прифатил во целост развојниот план за тековната година, а очекуваат да постигнат и нов напредок во повеќе сегменти. Тука се сегментот на зголемена безбедност при работа, модернизирање на опремата и остварување на капитални зафати со цел да се продолжи работниот век на „Саса“.