РСБСП: Да ги заштитиме децата во сообраќајот
Безбедното учество во сообраќајот на најмладите е голема одговорност за целото општество, сообраќајната безбедност не е само техничко прашање — тоа е вештина која треба да се учи од најмала возраст, да се практикува и постојано да се потсетува.
Токму затоа и оваа година, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Министерството за внатрешни работи ги започнуваат превентивните активности и предавања во училиштата како дел од кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.
Кога децата ги стекнуваат овие навики уште во основно училиште, се гради довербата и основата од која понатаму растат во одговорни учесници во сообраќајот— не само за себе, туку и за другите.
Во изминатите пет години (2019–2024), според податоци на МВР, 771 лице го загубиле животот во сообраќајни несреќи, а најчеста причина за несреќи со смртни последици и понатаму се брзото возење, непочитување на првенство на минување, возење во спротивна насока, и управување под дејство на алкохол. Овие бројки не се само статистики – тие се предупредување дека без грижа и дисциплина, секој учесник во сообраќајот може да заврши трагично.
Со оглед на овие сознанија, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) апелира до возачите, родителите и децата за зголемена претпазливост и посветеност кон заедничката цел — безбедноста на учесниците, особено најмладите:
Апел до возачите и родителите:
· Пристапувајте со намалена брзина и зголемена претпазливост во зоните на смирен сообраќај (Зона 30 км/час.), особено околу училиштата и образовни институции.
· Почитувајте ја сигнализацијата и пешачките премини, особено во утринските и попладневните часови.
· Никогаш не паркирајте на места што ја попречуваат прегледноста кај пешачките премини.
· Разговарајте со децата за важноста на безбедно движење по улиците и советувајте ги да го поминуваат коловозот само на пешачки премин или надпатник или потпатник, како и да погледнат во двете насоки на сообраќај пред да зачекорат преку пешачкиот премин.
· Научете ги да користат тротоари и да се движат внимателно, особено околу паркирани возила на тротоарите.
„Мини-совети“ до малите пешаци:
· Изберете безбедна патека до училиштето – по тротоар, а не покрај коловоз.
· Преминете ја улицата само на обележан пешачки премин и, кога го има, кога е активно зеленото човече (светло) на семафорот за пешаци.
· Не играјте близу до улицата и паркираните возила.
· Никогаш не поминувајте со трчање преку улицата или помеѓу паркираните автомобили.
· Доколку некое другарче се однесува неодговорно и ненадејно излегува или игра на коловозот укажете му на грешката која ја прави.
· Бидете внимателни во близина на електричните тротинети, велосипеди и мотори, тие може да се движат со голема брзина и постои опасност да Ве повредат при движење.
РСБСП потсетува и апелира: секое непочитување на правилата носи сериозни ризици. Безбедноста не е случајност, туку резултат на дисциплина, грижа и одговорен пристап од страна на сите — возачи, родители, наставници, но пред сѐ децата.
Заеднички, можеме да го направиме патот до училиште безбеден— да ги заштитиме децата во сообраќајот, секој ден, на секое место!
Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата
Ново на Сител
-
Обвинетите во „Геријатрија“ неиграат вина за примање поткуп за болнички прием
-
ЈП ПОЦ: Минатата недела санкционирани 100 непрописно паркирани возила во Центар
-
Нови правила за одобрување возила
-
ЕУ ослободи осум милиони евра од првата транша за Македонија преку Инструментот за раст за Западен Балкан
-
Македонија на 51. место според Глобалниот индекс за мир за 2025 година
-
Славески: Процесот на дезинфлацијата ќе продолжи, а инфлацијата ќе се врати на историските 2%
-
МОН: Успешна учебна година на учениците и наставниците
-
Земјотрес во Авганистан: над 600 загинати и повеќе од 1.500 повредени