Македонија
17. јуни 2025 - 12:19

Ротари клубот Струмица донираше медицинска опрема за одделението за педијатрија во струмичката болница

Одделението за педијатрија во струмичката болница доби нова медицинска опрема, донација од Ротари клубот од Струмица. Станува збор за апарати кои ќе овозможат подобра здравствена грижа и третман за најмладите пациенти.

Донацијата е резултат на хуманитарен настан што неодамна го организираше клубот, со цел прибирање средства за унапредување на условите во болницата. Одлуката за доделување на средствата била донесена едногласно од страна на сите 23 членови на клубот.

Директорот на болницата, д-р Гоце Христов вели дека оваа, како и сите досегашни донации, е од особено значење за болницата, бидејќи овозможува поквалитетен третман и грижа за пациентите. Со ова уште еднаш се потврдила хуманоста и ангажираноста на локалната заедница, која во последните 11 месеци реализира голем број проекти и донации.

Покрај донациите од општествено одговорните граѓани и компании од струмичката општа болница најавуваат и реализација на два проекти финансирани од Европската унија кои не  се однесуваат само на апаратурата, туку и инфраструктурата.