Свет
30. January 2017 - 14:13

Романскиот претседател повика да „се слуша гласот на народот"

Романскиот претседател Клаус Јоханис побара од Владата да се откаже од намерите за помилување на осудени лица и за промени во Кривичниот законик, кои предизвикаа масовни протести, при што нагласи дека „гласот на луѓето не може да се занемари", јави Аџерпрес.

- Владата не може да ја занемарува волјата на граѓаните, која е неприкосновена. Гласот на луѓето повеќе не може да биде игнориран! Добра демократија е онаа во која мнозинствата не ги злоупотребуваат своите права само затоа што привремено ја имаат власта. Барам од Владата да се откаже од постапките за помилување и од измени во Кривичниот законик, објави на Фејсбук шефот на романската држава.

Над 50.000 Романци протестираа синоќа во Букурешт против предлог законите, со чие исвојување би се ослободиле илјадници затвореници и би се отежнале истрагите за корупција.