Македонија
15. March 2022 - 12:27

Родителите на деца со посебни потреби бараат поголема помош од државата

Родителите на деца со посебни потреби од југозападниот регион велат дека нивните семејства не можат повеќе финансиски да издржат бидејќи посебниот додаток кој го добиваат е многу мал, а може да работи само едниот родител, бидејќи другиот е 24 часа со детето. 

-Тој посебен додаток 14 години е од 4300 до 5000 денари. Пола од децата се со проблеми, лекарства, не можеме памперси да им купиме со тие пари, па камоли да живееме. Едниот родител е нон стоп зафатен со едното дете, другиот родител доаѓа кој во завод, кој во училиште, преживуваме до 5000 денари. Имаше пандемија, иамше ковид мерки, а децата со посеби потреби не беа спомнати, за нас нема мерки, како да сме друга планета. Едниот родител мора да биде со детето, значи едниот родител нема шанси да работи, тој едниот родител каде побрзо, вели Горан Камчевски, родител на дете со посебни потреби.

-Ние имаме лекарства што ги порачуваме од странство, во Макеоднија ги нема. Имаме деца со пелени, тие пари не ни стигаат за ништо, преживуваме со една минимална плата, вели Анила Трајчевска, родител на дете со посебни потреби.

Бараат и измени во законот за основно образование, тие да им бидат асистенти на нивните деца. Велат на тој начин ќе добиваат средства, но ќе добијат и стаж бидејќи поголем дел од нив немаат никаков стаж.

-Асистенти ни дава државата, но тие се само 4 часа работно време, а ние сме 24 часа со децата. Затоа бараме ние да им бидеме асистенти на нашите деца, затоа што тоа е правото во многу други држави, да биде и во нашата. Нас не ни е доволен 4 часа асистент за со нашите деца, излегувам дома во 7, се враќам во 12. Асистентот ако дојде во 7, тој во 10 и пол си бега. Јас пак треба да дојдам да го земам детето од училиште, вели Трајчевска.

Затоа бараат што поскоро средба со министрите за труд и социјална политика и образование за да ги слушат нивните проблеми.

-Ако не оствариме средба ги повикуваме сите родители на деца со посебни потреби на протест пред Влада, вели Никола Солески, родител на дете со посебни потреби.