Родители бараат да имаат работно тело во МОН за ревизија на Концепцијата за основно образование
Да се оформи работно тело од родители во склоп на Министерството за образование и наука за партнерски да се решаваат проблемите во основното образование, а пред сѐ оние што произлегле од Концепцијата донесена минатиот март, која треба да се преоцени. Тоа го предлага Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има” чии претставници денеска имале средба со ресорниот министер Јетон Шаќири.
За нивната иницијатива министерот начелно се согласил, а средбата била конструктивна, соопшти по средбата во МОН Драгана Спасевска, претставник на оваа граѓанска иницијатива која на Фејсбук ги обединува родителите кои се против тековните реформи во основното образование.
-Очекуваме дека Министерството наскоро ќе го формира ова тело на родители и заеднички со министерот и Министерството ќе пристапиме кон решавање на бројните проблеми коишто ги остави претходната министерка Мила Царовска. Реформите треба да се по мерка на ученикот, со длабока анализа и ревизија на Концепцијата да се согледаат недостатоците, а потоа да видиме што треба, а што не треба. Тоа не може да се случи наеднаш, туку етапно и ќе има доста работа. Даваме време, но многу е важно родителите директно да бидат вклучени во МОН, изјави Спасевска.
Покрај ревизија на Концепцијата за основно образование и решавање на проблемите што произлегле од нејзината имплементација, задача на работното тело на родители би била и формирање национална комисија за образование која ќе треба да обезбеди широко учество на јавноста во креирањето и следењето на образовните политики.
![]()
-Тука треба да влезат институции, стручната фела – педагошки факултети, а не поединци како што беше претходно во работењето на МОН. Не да одлучуваат поединци и невладини сектори во МОН, додаде претставничката на Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има”.
Истакна дека нивното барање за заеднички да ги решаваат проблемите е и обврска на Министерството за образование и наука по одлуката што ја донесе Народниот правобранител по нивната претставка која била покрената по спроведени истражувања со вклученост на сите основни училишта во државава.
-Добивме доволно голем број податоци и аргументи дека Концепцијата не се спроведува како што треба односно таа ги прекршува фундаменталните човекови права на учениците и на родителите и не е се така како што беше изнесено на хартија, туку реалноста е малку поинаква. Самиот Народен правобранител донесе предлози да се надминат тие проблеми, рече Спасевска.
Според нивниот предлог, работното тело на родители партнерски со МОН треба да учествува во правење анализи и подготовка на предлози за изменување и дополнување на Законот за основно образование и на други законски и подзаконски акти од областа на образованието и да лобира за обезбедување општествена поддршка.
Во врска со нивниот став за носењето заштитни маски на настава, Спасевска одговори дека заразата подеднакво се шири и во училиштата и во други јавни институции и ресторани и затоа, рече, треба да се размисли и да се биде фер кон децата.
-При носење на одлуките, треба да бидеме најмногу внимателни за децата, зашто ним им треба правилен развој, им треба воздух, рече претставничката на Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има”.
Ново на Сител
-

Експресниот пат Куманово-Страцин за целосно поврзување на Коридорот 8
-

Владата го извести Брисел: Реформската агенда е исполнета во рокот
-

Истекува мандатот на Абази, оглас за избор во август
-

Се шират жариштата на овчата сипаница на истокот
-

За неполн месец спасени 10 давеници
-

Седум ЕУ држави се спротивставија на Мерц, нудат нов план за целосно членство на Западен Балкан
-

Тема на денот со Јованка Тренчевска, потпретседателка на СДСМ и пратеничка
-

Преглед на вестите од светот
