Македонија
20. May 2023 - 16:31

OFF ROAD шоу во Крушево

Крушево ги собра најдобрите off road возачи од целиот Балкан. Вчера започна 4-то по ред „Macedonian 4x4 trophy“ во организација на клубот „OFF ROAD PRILEP“. Публиката можеше да ужива во вистинско адреналинско шоу, кое се возеше низ крушевската корија, како преку денот, така и во текот на ноќта.

„Подготовките за настанот траеа околу 3 месеци, напорна работа и се надеваме дека се ќе помине во најдобар ред и му посакувам успех на сите учесници“, истакна Панчо Чупаркоски, претседател на клубот „OFF ROAD PRILEP“.

„Отсекогаш овие настани страдале од тоа што публиката не може да го почувствува филингот на целиот настан и затоа ние се потрудивме да направиме траса која што е возможна да се гледа од сите гости на настанот“, додаде Стефан Стојановски, дел од организацијата на „Macedonian 4x4 trophy“.

Off road возилата беа вистинска атракција за публиката која ја имаше во огромен број да ужива во овој несекојдневен настан. Планирано е манифестацијата да трае 3 дена.

„Единствена цел ни останува да сите натпреварувачи ги удостоиме со нашето гостопримство и крајната цел ни е задоволни да заминат од Крушево“, вели Љупчо Перканоски, дел од организацијата на „Macedonian 4x4 trophy“.

Возачите беа навистина возбудени што се дел од еден ваков спектакл.

„Адреналинот пука 100%. Стазата е како автопат, уште само бели ленти недостигаат, се е супер уредено“, вели еден од учесниците на трката.

„Многу добра организација и многу е убаво. Браво за Македонците“, додаде друг учесник на трката.

Ова е само уште една нова содржина која што Крушево ја нуди за развој на алтернативниот спортски туризам.

„Со ова ставаме уште еден импут на локалната економија со која ќе се подобри секако градот и Крушево ќе се раздвижи. Од сега најавуваме плодна туристичка сезона во Крушево“, изјави Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Трките продолжувата и утре, а за победниците, организаторите имаат подготвено пригодни награди.