Бизнис
8. January 2022 - 16:14

РКЕ: Потрошувачите може да поднесат приговор за несоодветна услуга од снабдувачот со топлинска енергија

Потрошувачите кои не добиле соодветна услуга од снабдувачот со топлинска енергија може да поднесат приговор до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), која информира дека снабдувачот е должен и да ја прилагоди температурата доколку има поплаки од Управител односно од Заедница на сопственици и барање за повисока температура од минимум пропишаната.

-Снабдувачот има обврска во текот на грејната сезона да обезбеди минимална температура од 20+1 Целзиусов степен во грејните простории во времето од 6 до 22 часот во текот на денот. Дополнително, согласно член 10 од Правилата за снабдување со топлинска енергија, Управителот односно Заедницата на сопственици, поднесува писмено барање до снабдувачот за промена на режимот и нивото на испорака на топлинска енергија на мерното место. Снабдувачот е должен да постапи по барањето за температурниот режим на објектот што е доставено од Управителот односно Заедницата на сопственици, соопшти РКЕ.

По поплаките до снабдувачите, посочува Регулаторната комисија, екипи од снабдувачот мора да излезат на терен и да ја проверат фактичката состојба.

-Потрошувачите не постојат за да ги финасираат снабдувачите, туку за да платат услуга која треба да им биде обезбедена, вели Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Комисијата посочува и дека минатата година побарала да се направат измени во Законот за енергетика со кои ќе се зголемат ингеренциите и ќе се прецизираат надлежностите во однос на изрекување повисоки казни кон операторите на дистрибутивните системи доколку поради нивна неажурност и лоша организација ги оставиле потрошувачите без греење во време на грејна сезона.

Граѓани на Скопје, пред сè од Скопје Север и Топанско Поле во изминатите денови  реагираат зашто се оставени без парно или греењето им е многу слабо.

На нивните реакции вчера се огласи и Владата која ги повикува надлежните компании, градските и општинските власти итно да постапуваат по своите надлежности и да обезбедат топлинска енергија во домовите на граѓаните на Град Скопје.

Владата ги помага и граѓаните, и општините, и Градот Скопје, но, како што наведуваат, кога се во прашање финансиски обврски кон давателите на јавни услуги, први повикани се надлежните локални власти.

Од Владата информираа  дека во текот на следната недела ќе се разгледуваат можности за дополнителна помош, но едностран раскин на договорните обврски и прекин на греењето на штета на граѓаните и домаќинствата во зимски услови не може да биде ниту оправдано ниту прифатливо.

Согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, цената парното греење во Скопје од овој месец е зголемена за 14 отсто.