Фудбал
3. August 2016 - 17:03

Рио 2016: Фудбалерките ги почнуваат натпреварите на Игрите

Со натпреварите на женскиот фудбалски турнир што се играат денеска стартуваат возбудувањата на Летните Олимписки игри во Рио. Два дена пред свеченото отворање се играат дуелите од 1.коло бидејќи според програмата потребни се повеќе денови за натпреварите на женскиот и на машкиот турнир.
Првиот натпревар меѓу Шведска и Јужна Африка почнува попладнево во 18 часот по македонско време. Ова е дуел од Е групата, каде играат уште домаќинот Бразил и Кина.
Во Ф групата во 1.коло двојките се: Канада – Австралија и Зимбабве – Германија, додека во групата Г на стартот ќе играат: САД – Нов Зеланд и Франција – Колумбија.
Утре се играат и натпреварите од 1.коло од машкиот олимписки турнир.
Свеченото отворање на Игрите во Рио ќе се одржи на 5.август (петок).