Рици: Северна Македонија е на вистинскиот пат во борбата против корупцијата
Северна Македонија е на вистинскиот пат во борбата против корупцијата. Тоа го потврдува силно изразената политичка волја на власта за имплементација на Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата, но и напредокот на листата на Транспаренси интернешанл за перцепција на корупцијата во земјата за оваа година, оценува во разговор за МИА, Данило Рици, регионален претставаник за Југоисточна Европа на Канцеларија на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ).
– Многу добро познатиот индекс на перцепција на корупцијата на Транспаренси интернешанл посочува дека Северна Македонија е рангирана на 91 место во 2020 година и на 87. во 2021 година, покажувајќи јасен позитивен тренд во однос на тоа како се перципира корупцијата според експертите и деловните луѓе во земјата. Така што верувам дека тоа е многу позитивен генерален показател дека земјата е во вистинската насока, вели Рици.
Во однос на имплементацијата на Регионалниот патоказ за антикорупција и незаконски финансиски текови, кој беше донесен лани во јуни во Охрид за да се забрза имплементацијата на Конвенцијата на Обединетите нации против корупција (УНЦАЦ), меѓу другото и преку зајакнување на регионалната соработка, размена на искуства, Рици вели дека иако е рано да се даваат оценки, сепак, има видливи резултати во регионот.
– Од лансирањето на Патоказот во јули 2021 година, јурисдикциите на Западниот Балкан напредуваат во нивната заедничка цел да ги подобрат националните антикорупциски политики и нивниот капацитетот, како и во редовното исполнување и споделување заеднички предизвици, практики и успех. Со оглед на тоа што штотуку ја завршивме првата година од нашата работа, верувам дека сè уште е прерано да се зборува за успех за регионот, но веќе гледаме конкретни резултати од таквата работа во однос на случаите на антикорупција изведени пред лицето на правдата низ целиот регион, нагласува Рици.
Една од целите на Патоказот е и за зајакнување на одговорот на правосудството наспроти корупцијата и економскиот криминал, преку вмрежувањето на специјализирани обвинители, органи за спроведување на законите и единици за финансиско разузнавање, кои се вклучени во истрагата и прогонот на кривичните дела.
Во однос на тоа колку правосудството е на ниво на оваа задача, италијанскиот експерт смета дека општо земено, специјализиран обвинител бара долгогодишна работа и специфична пракса.
На оваа тема, според него, Северна Македонија го следи патот на многу други земји со вистинска намера да има високи специјализирани тела способни да се справуваат со комплицирани криминални случаи, вклучително и корупција и враќање на имотот.
– Програмите на Канцеларија на ОН за дрога и криминал (УНОДЦ) за градење капацитети всушност ги поддржуваат нашите корисници во овој потфат, вели Рици
Во контекст на забелешките околу процедурата на изборот на Ислам Абази за прв човек на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, минатиот месец, регионалниот претставник ја подвлекува независната улога што тие ја имаат, поради што не можат да коментираат внатрешни прашања.
– Нашата независна улога не држи надвор од внатрешните национални работи додека обезбедуваме техничка помош за подобрување на капацитетот на нашите корисници, појаснува Рици.
За тоа во кои области Северна Македонија треба да вложи повеќе напори за унапредување на системското гонење на корупцијата и организираниот криминал, Рици потенцира дека од особено значење е што регионот во целост ги идентификува овие прашања како главна закана.
– Како што споменав претходно, сè уште сме во почетна фаза, многу е направено, вклучително и потврдување на високата политичка посветеност на заедничките цели на регионалниот патоказ за незаконски финансии и корупција на Конференцијата за корупција во Скопје. Мислам дека тоа е добар показател дека јурисдикциите на Западен Балкан јасно ги идентификуваа корупцијата и организираниот криминал како нивна главна закана, вели Рици кој беше дел од оваа регионална Конференција.
За тоа како регионалната соработка може да ги подобри локалните капацитети на државите за борба против корупција, претставникот на УНОДЦ нагласува дека постојат повеќе елементи кои се важни компоненти за ефективен и способен антикорупциски режим и зачие спроведување ќе треба градење капацитети на високо ниво, воведување и проучување на најдобрата меѓународна практика и меѓусебна доверба меѓу правосудните органи, која е изградена на долгогодишна соработка и реципрочно професионално почитување.
Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата, усвоена во октомври 2003 година со Резолуцијата 58/4 на Генералното собрание на ОН, претставува единствен обврзувачки глобален антикорупциски меѓународен инструмент. Земјава ја потпиша Конвенцијата на 18 август 2005 година, таа е ратификувана во април 2007 година, а во сила стапи на 13 мај 2007 година.
На регионалната конференција во Скопје, владините претставници разговараа за антикорупциските приоритети на Регионалниот патоказ за борба против корупцијата и незаконските финансии и за нивните обврски на Самитот во Лондон. Регионалниот патоказ за антикорупција и незаконски финансиски текови беше усвоен во Охрид од стана на ретставници на високо ниво на владите од јурисдикциите на Западен Балкан на 25 јуни 2021 година, а целта е да се забрза имплементацијата на Конвенцијата на ОН против корупција, како поддршка на постигнувањето на Целта 16 за одржлив развој во јурисдикциите на Западен Балкан.
Патоказот се фокусира на неколку клучни области, како што се јавните набавки, системите за обелоденување на имот, приходи и камати и создавањето на специјализирана оперативна мрежа на обвинители за корупција и економски криминал, агенциите за спроведување на законот и единиците за финансиско разузнавање во регионот. Оваа мрежа ќе се фокусира на проактивно таргетирање на типологиите на криминал како што се кривичните дела за корупција, криумчарење пари, перење пари преку секторот за недвижнини, корупција во спорт.
Прегледот на имплементацијата на Конвенцијата на ОН против корупција е процес на меѓудржавен преглед кој им помага на државите потписнички ефективно да ги имплементираат одредбите на Конвенцијата. Секоја од земјите е предмет на преглед од страна на други две држави потписнички од кои една е од истата регионална група. Државите кои го вршат прегледот се избираат по пат на ждребување. (Извештај на УНОДЦ за 2021 година)
Регионална конференција за борба против корупцијата што се одржа неделава во Скопје беше во организација на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска во соработка со Регионалната антикорупциска иницијатива и Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал. Унапредување на транспарентноста, зајакнување на довербата на граѓаните во институциите преку професионална, ефикасна и одговорна работа, воведување закони и правила на однесување и санкции за коруптивно однесување, судска независност и политичка заложба се дел од препораките за борба против корупција во земјите од Западен Балкан кои произлегоа од овој форум.
Ново на Сител
-
Груби ги демантираше наводите за неговата поврзаност со палењето на македонско знаме, побара јавно извинување
-
Највисока снежна покривка од 68 см во Маврови Анови, најмногу дожд во Крушево
-
Русија со дронови ги нападна Киев и Херсон
-
Вучиќ: Имаме информации кој го извршил нападот, ова е вистинска хибридна војна против Србија
-
Протест во Нови Сад по еден месец од трагедијата на железничката станица
-
Една нерегистрирана училишна кујна, оштетени работните површини во четири училишни кујни
-
Девојки од Бразил се проституирале во Џевахир за 150 до 800 евра
-
Триесетина села во Пелагонија без струја