Резултатите од рускиот надзор врз македонските месни компании ќе бидат познати во август
До крајот на август ќе се знае кои домашни компании ќе извезуваат сирење , кашкавал и други млечни како и месни производи на рускиот пазар.Најголем проблем кој го посочуваат инспекциските служби од Русија, кои веќе ги контролираат фирмите кои сакаат да извезуваат таму, е потеклото на суровините, односно проблемот го детектираат кај компаниите од месната индустрија кои претежно користат увезено месо од земјите од ЕУ, од каде што Русите го забранија увозот. Од друга страна беше посочено дека кај фирмите од млечната индустрија нема таков проблем, тие користат домашно произведено млеко.
Списокот од 12 заинтересирани за извоз, се прошири на 15 компании меѓу кои и една кланица за свежо месо, која користи суровини само од македонско потекло. Надлежните велат дека ова е огромна можност македонските компании да го освојат рускиот пазар.
Податоците покажуваат дека иако во земјава има свежо месо за потребите на населението, месната индустрија се соочува со недостиг поради што мора да увезува.
Инспекциските контроли завршуваат на 23 месецов, по што ќе се знае кои фирми ќе можат да извезуваат производи во Русија.
-

Александра Десподовска
Сите содржини од овој новинар
