Македонија
3. December 2025 - 12:14

Револт, тактизирање, мала динамика на откуп и празни ваги - почетокот на откупот на тутунот започнува тензично

Револт кај тутунарите и тактизирање кај откупувачите. Мала динамика на откуп, се уште не отворени пунктови и празни ваги. Вака некако е сликата на почетокот од предвремениот откуп на тутунот. Најголемите играчи во овој бизнис се уште не го откупуваат жолтото злато, а помалите откупувачи, купуваат мали количини, во прва класа по цена од 420 денари за килограм. 

„Имавме состаноци со откупувачите во Скопје, се договоривме да го запазат законскиот рок за откуп на тутунот, односно крајниот рок да биде 15 декември. Добриот тутун да се плати добро и да оди на прва класа и одбитокот да биде максимум до 3%. Односно на долнта берба да биди 2-3% а на горните берби да биде до 1%. 

Дали ќе се откупува по класи или целиот во една класа?

Не дозволивме да има купување во класи по овие цени бидејќи ако дозволевме да се купува по класи со овие цени ќе паднеше многу пониско просекот од лани. Така што ќе го задржиме просекот на овие цени од 420 денари“, истакна Кире Ристески, претседател на Сојуз на тутунски здруженија.

„На социјалните мрежи имаше некои видеа каде се враќа тутунот поради незадоволство од цената, дали знаете каде е тоа?

Не е враќање поради цената туку поради тоа што носат недосушпени и зелени тутуни.

 

Кое е вашиот апел?

Апелот е до тутунарите слободно да си ги остават тутуните по скелињата, да исуши тутунот и тој тутун ќе се купи. Откупот трае до 28 февруари. Имаме услови тутунот до тогаш да се исуши“, додаде Ристески.

Досега се откупени само 500 тони, откупени од Тутунски комбинат Прилеп и Кавекс. Тутунарите бараaт далеку повисоки откупни цени од сегашните. 

„Тутунарите бараат многу повеќе од 420 денари за килограм. Дали сметате дека ќе има можеби одреден бојкот од страна на тутунарите при предавањето на тутунот?

Не очекувам дека ќе има бојкот и јас викам дека секогаш е малку за тутунопроизводителите за цената, но сметам дека во овој момент е максимумот кој може да се добие за овој тутун“, истака Ристески.

Сите откупувачи законски мора да започнат со откуп до 15 декември. Се очекува да има годинава род од околу 22 милиони килограми.