Македонија
9. October 2016 - 17:02

Реновирано е средното училиште Митко Пенџунлински во Кратово

Деновиве завршија градежните и санациски активности во средното училиште „Митко Пенџуклиски“ во Кратово, со што се подобрија условите за престој на околу 260 ученици. Објектот изграден во шеесеттите години на минатиот век повторно блесна во нов сјај, со нов изглед и топол амбиент за учење.

-Во летниот период направивме повеќе градежни и молерофарбарски работи, санација на одредени оштететувања, замена на дотраените прозори и врати со нови ПВЦ прозори и врати, замена на дотраените подови со нов под од плочки или ламинат, во зависност од просторијата. Сето тоа го направивме за да ги подобриме условите за учење и училиштето да биде пријатно катче за престој на учениците – истакна директорот Тони Јанев.

Минатата година училиштето доби нов покрив преку проектот за меѓуетничка интеграција и соработката со партнер-училиштето од Липково. Бранот инвестиции во „Митко Пенџуклиски“ донесе видео-надзор во училиштето, нов под во помалата спортска сала, стилизирана ограда, а за следната година се прават напори да се промени покривот во лабораториското крило.