Македонија
20. November 2016 - 11:43

Реновирани сцената и помошните простории во Кавадаречкиот културен дом

Реновираната сцена и помошните простории во Домот на културата „Иван Мазов Климе” од Кавадарци синоќа беа пуштени во употреба. Директорот Владимир Темков се заблагодари на локалната самоуправа што издвои средства од локалниот буџет за подобрување на условите во кои се работи, на општо задоволство на сите.

Во своето обраќање до присутните, кавадаречкиот градоначалник Александар Панов потсети дека во изминатите години заедно со Министерството за култура и Владата на Република Македонија, континуирано се вложува во сите три културни институции во градот. Освен во Домот на културата каде меѓу другото, беше отворена првата 3Д сала во Македонија, се вложува и во библиотеката „Феткин” и во Градскиот музеј.

- Поддршката за културата ќе продолжи и во наредниот период. Рекордот што го постигнавме кога бевме град на културата, а се однесува на одржани културни настани, се уште е недостижен. Кавадарци е град со многу манифестации од областа на културата. Овде се создава и консумира култура, но и се извезува, нагласи градоначалникот.

Во рамки на културно-уметничката програма по повод пупштањето во работа, имаше ликовна изложба, настап на играорци, етно и танцова група и хор од општина Рожаје, Република Црна Гора. Свое претставување имаше и Фолклорниот ансамбл „Тиквеш“ при Домот на културата од Кавадарци.