Бизнис
25. January 2022 - 16:34

Рекордни цени на горивата - Транспортерите пред банкрот

Транспортерите пред банкрот, возачите пред отказ. Со овие цени на горивата веќе не можат да опстанат на пазарот. Автобуските превозници се жалат дека цената на дизелот е највисока во последните десетина години, а нивните услуги не поскапуваат заради слабата куповна моќ на населението. Посебен проблем им се договорите на пример, со општините за превоз на ученици, кои се склучени порано по многу пониски цени.

Дизелот бил поскап само во 2012. Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика пред 10 години, цената на црното злато достигнала највисока годишна просечна цена од 109 долари за барел. Литар дизел тогаш чинел 72,5 денари за литар. И бензините биле малку поспапи. БС 95 чинел 80, а БС 98 81.5 денари за литар. 

Во ваква ситуација, превозниците велат дека Владата треба да ги копира примерите од регионот и да помогне за секторот да опстане. Според нив, простор за тоа има затоа што во моментов од крајната цена на горивата директно во државната каса се слеваат од 38 до 45% на име на акцизи, даноци, такси за екологија и слично.

Рекордни цени барелот достигна во август 2008 година, за време на руско – грузискиот конфликт, чинеше 136 долари, но кај нас тогаш дизелот се продаваше по иста цена како денешната. Заради руско – украинските тензии, аналитичарите предупредуваат дека барел нафта ќе надмине 100 долари што дополнително ќе влијае на глобалната инфлација.