Тенис
7. November 2023 - 12:33

Рекорден награден фонд за Завршниот мастерс – Титулата ја брани Ѓоковиќ

Завршниот турнир на најдобрите светски тенисери ќе се одржи во Торино од 12 до 19 ноември. За учесниците, организаторот, обезбеди рекорден награден фонд од 15 милиони долари.

Доколку шампионот дојде до трофејот со совршен резултат (пет победи), ќе заработи 4.801.500 долари, што е зголемување од претходниот рекорд поставен во 2022 година кога Новак Ѓоковиќ освои 4.740.300 долари.

Резервите, односно двајца играчи кои ќе бидат поканети во Торино во случај некој играч да се повлече, ќе добијат 152.500 долари и доколку не одиграат ниту еден меч.

Играчите ќе добијат 162.750 долари за играње на еден натпревар, 244.125 долари за два и 325.500 долари за сите три натпревари во групната фаза.

Победата во групната фаза вреди 390.000 долари, во полуфиналето 1.105.000 долари, а во финалето 2.201.000 долари.

Новак Ѓоковиќ ќе ја брани титулата и ќе се обиде да стигне до рекорден седми пехар.

Една победа во групната фаза му го гарантира првото место на АТП листата на крајот на годината. Првото место ќе го задржи и доколку не добие ниту еден меч, а Карлос Алкараз доживее само еден пораз.

Покрај двајцата најдобри светски тенисери, на престижното натпреварување ќе учествуваат и Данил Медведев, Јаник Синер, Стефанос Циципас, Андреј Рублев, Холгер Руне и Александар Зверев.