Македонија
27. February 2019 - 13:23

Регулаторите недоволно ефективни, медиумската сфера без системски решенија

Констатираните аномалии во медиумската сфера не се темелно отстранети. Исчекор има, но основните проблеми нотирани во извештаите на Прибе и во европските приоритети, се уште стојат, беше речено на денешната презентација на вториот периодичен мониторинг извештај за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).

Според Снежана Трпевска од Институтот за комуникациски студии, измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги не може да бидат завршница на реформите. Мора да има стратегиски, долгорочни решенија. Регулаторните тела во изминатиот период работеле, имале бројни активности, но,  во однос на стратегиските прашања или дологорчните промени во медиумскиот сектор не може да се каже дека биле ефективни.

-Дури и некои од прашањата во усвоените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се антиреформски. Измените во изборната регулатива, пак, што требаше да важат само за референдумот, а се оставија и сега ќе важат и за престедателските избори, повторно ги ставаат медумите повторно во финансиско-политички триаголник. Значи, клиентелизмот го воведуваме на отворена врата со законски одредби, истакна Трпевска.

Таа смета дека многу прашања во медиумската сфера останаа нерешени, посебно социо-економскиот статус на новинарите.

-Ако новинарите, без разлика во кој медиум работат, не се безбедни, не се сигурни и не добиваат нормални плати, не можеме да очекуваме да се реши проблемот со политичката независност. Во однос на работата на регулаторните тела, критиките не ги упатувам само до нив, туку и до креаторите на политиките зашто и кога сакал да направи реформски зафати, регулаторот бил соочен со проблеми и пречки кои доаѓаат од политичката тензија со институциите надлежни за дизајнирање на законите. Таква ситуација имаме и денес. Работите како да се планираат хаотично, несмислено, наместо стратегиски и на долгорочно ниво, посочи Трпевска.

Изнесувајќи оценка за работењето на АВМУ во кварталот октомври – декември 2018, Билјана Бејкова од НВО Инфоцентарот напомена дека Агенцијата во овој период првпат предупредила на можен клиентелизам на еден медиум спрема власта со оглед дека претходно тоа не го правела.

-Ова покажува дека Агенцијата во минатото, иако можела, сепак не реагирала и не укажувала на случаите на спрега меѓу власта и медиумите, како и на случаите на притисоци на власта врз слободата, независноста и инетргитетот на медиумите и новинарите, забележа Бејкова.

Дополни и дека АВМУ во периодот октомври – декември 2018 со повеќемесечно задоцнување ја ставила на јавна расправа работната верзија на петгодишната регулаторна стратегија. Во предвечерјето, пак, на донесувањето на законските измени, Советот одлучил да распише конкурс за заменик-директор што било сосема нејасно и зачудувачки зашто ова прашање, посочи Бејкова, изминатите четири години не било воопшто покренато.

Меѓу забелешките за работата на АЕК, пак, беа: парцијална транспарентност на јавно достапните документи и зголемување на платите на вработените во Агенцијата кои и досега имаа 60 отсто повисока плата во однос на просечната во земјава. Од Евротинк-Центарот за европски стратегии препорачаа директорот на АЕК кој се уште не објавува периодини извештаи за своите тошоци (патни, репрезентации, телефон), тоа да го прави секои шест месеци.