Македонија
28. јуни 2016 - 12:25

Регулаторите дебатираат за новите ИКТ трендови

Новите трендови во информатичката и комуникациска индустрија и регулацијата на електронските комуникации, предизвиците од дигитализацијата на вкупната индустрија, иновативните апликации кои се предизвик на традиционалните телекомуникациски оператори и начините како државите можат да се справат со нив, се дел од темите на кои регулаторите на телата за електронски комуникации од регионот и Европа ќе разговараат на 4. Меѓународна регулаторна конференција што денеска и утре се одржува во Охрид.

Новите технологии, истакна директорот на Агенцијата за електронски комуникации на Македонија Сашо Димитријоски на отворањето на конференцијата, носат и закани со себе. Како еден од предизвиците на новото време ја посочи сајбер безбедноста. Според него, сајбер-просторот не е целосно регулиран со што се овозможува компјутерскиот криминал да биде едноставен и евтин за извршување.

- Компјутерските напади врз информациските системи и мрежите мотивирани од криминални побуди стануваат се поголема глобална закана. Сајбер безбедноста е многу важно прашање за сите бизниси и со зголемувањето на бројот на нови уреди поврзани на интернет неговата важност се зголемува, истакна Димитријоски, посочувајќи дека во насока на тоа македонскиот центар за одговор на компјутерски инциденти ќе ја презентира својата работа.

На конференцијата, посочи, присуствуваат и државите со кои Македонија има склучено договор за намалување на роаминг услугите, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, и оти од 1 јули стапува второто намалување на цените на роамингот со овие земји.

Прашан за намалување на цените за роаминг со Албанија и Косово, Димитријоски рече дека тоа зависи од нивните оператори и регулаторни тела. 

-  Ние се трудиме да ги вметнеме и овие држави во тој договор, но тоа не зависи само од нас. Тоа е сепак и до државите да го уредат со операторите. Веројатно отпорот кај нив од страна на операторите е поголем и потешко успеваат да се справат, изјави директорот на АЕК.

Аљбан Карабици член на Управниот одбор на албанскиот регулатор информира дека разговараат за намалување на роамингот со операторите.

-  Дискутираме за оваа проблематика со албанските оператори и со соодветното Министерство. Министерството за информатика заедно со операторите ја разгледуваат оваа можност за и ние да бидеме дел од оваа поголема фамилија за роамингот на пазарот. Работиме на тоа да ги намалиме цените не само према Македонија, туку и према сите други држави, бидејќи Албанија е туристичка земја,а во корист е намалувањето на цените за сите балкански држави, па и со Турција, рече Карабици.

Добрата соработка на агенциите за електронски комуникации од регионот, според Зоран Бранковиќ од регулаторното тело во Србија, дава ефекти.

-  Во Србија има значајни ефекти од намалувањето на роамингот. Имавме одредени отпори од операторите на кои на овој начин делумно им е скратен приходот, но со правилна регулација сметам дека ќе придонесеме сите граѓани во регионот да имаат подобри услови пред се дејта трансфер во соседниите земји,  истакна Бранковиќ.

На Меѓународна регулаторна конференција чиј домаќин е АЕК учествуваат претставници од регулаторните тела за електронски комуникации од Босна и Херцеговина, Турција, Албанија, Косово, Црна Гора, Србија, Полска, Украина и Литванија.