Македонија
27. November 2024 - 16:33

Регистрирана Комора на вештаци - Поголем квалитет во процесот на судско вештачење

Судски процеси кои нема да траат со години бидејќи не може да се обезбеди вештачење, но и квалитетни и навремени одлуки. Ова ќе биде главното мото по кое ќе се раководи Комората за вештаци која е регистрирана пред еден месец.

- За МП основањето и работата на Комората е многу важно. Без квалитетно и навремено вештачење многу судски постапки се одолговлекуваат, а во некои случаи невозможно е да се донесат правилни и објективни одлуки. Вештаците претставуваат еден од носечки столбови врз кои се потпираат судските пресуди и одлуките на органите на државната управа, изјави Игор Филков, министер за правда. 

Во Комората има 16 одделенија од различни области каде ќе се одвиваат и обуките за сите кои што сакаат да бидат вештаци. Речиси секој втор судски процес има потреба од вештак, а многу често се бара и супервештачење.

- Со ова ќе се унапредат квалитативно сите судски вешти наоди со цел да го зголемиме квалитетот на сите управни и судски постапки. Следниот месец на сајтот на Министерството за правда ќе биде објавен јавниот повик за сите оние кои за прв пат ќе сакаат да станат вештаци, да ги достават своите документи , и она што е во надлежност на комората, организирање на обуки на сите идни вештаци во времетраење на 60 часа за да се овозможи добивање на лиценца, изјави Виктор Камнар.

 Комората изминатиот период била во застој а нејзиното регистрирање според надлежните ќе значи и зголемување на довербата во правосудниот систем која со години е на ниско ниво. Министерот за правда покрај реформи кажа дека во секој момент го чека и решението за екстрадиција од Косово на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ од случајот Монструм, осудени на доживотен затвор за петкратното убиство кај Смилковското езеро.