Македонија
24. November 2024 - 17:42

Регионална депонија во Новаци во стар рударски коп на РЕК Битола

Во еден од старите рударски копови на РЕК Битола треба да биде лоциран новиот Регионален центар за управување со отпад кај Новаци, еден од 5-те вакви планирани во државава, каде отпад треба да носат 18 општини, од Центар Жупа, па надолу преку Струга и Охрид, Кичево и сите оние од Пелагонискиот плански регион. Оваа идеја која треба комплетно да ги замени и затвори досегашните депонии се подготвува уште некаде од 2010 година, но до денес не е реализирана.

„Замислено во првата фаза да се отворат неколку претоварни центри, претоварни станици во поголемите градови, каде што првично би се вршело третирање односно селекција на дел од отпадот, за да во наредна фаза во организација на новоформираното регионално претпријатие за управување со отпад, кое би го формирале сите општини заедно, целокупниот тој отпад кој ќе биде наменет за во регионалната депонија ќе доаѓа тука, за во наредна фаза, во втора фаза да има секундарен третман, односно селекција на отпадот на истата депонија“, изјави Стевче Стеваноски, градоначалник на општина Новаци.

Овој проект на ниво на држава ќе се финансира со кредит од Евопската банка за обнова и развој во висина од 60-тина милиони евра, од кои над 30 ќе бидат потрошени токму за овој Регионален центар кај Новаци.

„Многу работи зависат од нас, колку сме ние ефикасни и ефективни да што побрзо ја завршиме и отпочнеме со реализација на оваа болна тема, за да не ги гледаме оние грди слики кога патуваме за Буково, или овде кај нас Мегленци. Значи депонијата Мегленци, ѓубриштето поточно треба да се затвори и да се почне со изградбата“, истална Тони Коњановски, градоначалник на општина Битола. Но за жал ниту една од општините, освен Прилеп, нема започнато активно со примарна селекција на отпадот, а за секундарна пак не станува ниту збор.

„Имаме се уште проблеми на самата примарна селекција во нашите општини, пример Крушево ја подготвуваме таа селекција уште во самите домаќинства, односно примарната селекција, но заедно сета таа ја носиме во нашата таканаречена дива депонија, затоа што сите се диви депонии во нашиот регион и нашите општини и доаѓа до загадување, односно палење на тие депонии“, рече Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Прилеп е лидер во овој процес, со целосна воведена примарна селекција. Градот ќе биде и една од 5-те претоварни станици каде отпад ќе носат помалите општини пред истиот да се носи во Новаци, a ќе добие и фабрика за секундарна селекција и собирен центар за бесплатно одлагање различен вид на отпад.

„Би функционирал на добро позната локација за која граѓаните во наредниот период ќе бидат известени, ќе може да одлагаат одредени видови на неопасен отпад, ќе биде означено кој отпад во кој дел ќе може да се одлага бесплатно“, вели Рубин Абрашоски, директор на ЈКП „Ломуналец“ Прилеп.

Но според Златко Ристески кој и практично ја воведе примарната селекција во Прилеп овие Регионални центри биле скапи. Тој смета дека секоја општина треба да го следи примерот на Прилеп и сама да воспостави селекција на отпад. 

„Не, нема, еве 20 години, а нема ни да профункционираат, бидејќи се јавува позиција транспорт, значи треба да транспортираш, а нема потреба, самата општина може да направи  примарна и секундарна селекција и компостара, тие не се штетни системи, едноставни се и плус немаш транспорт. Значи таму не е само транспортот, имаш претоварна станица, има трошоци секојдневни на транспорт, кој граѓаните не дека не сакаат, туку немаат стандард да го платат“, истакна Златко Ристески, поранешен директор на ЈКП „Комуналец“.

Како и да е, без брзо воспоставување на подобро управување со отпадот Македонија ќе наликува на една голема грда депонија.