Референдум или парламент? - Каде ќе се носи одлуката за Македонија во Бугарија?
Официјален француски предлог се уште нема на маса. Ако му биде понуден во Париз, бугарскиот премиер Петков вели дека ќе го пречека со усогласена национална позиција.
Неа ќе ја гради Народното собрание, повтори Петков, без чија одлука Бугарија нема да преземе никакви чекори за укинување на ветото.
Темата Македонија најеројатно ќе се најде пред пратениците идната недела, но според Петков, тие одново ќе треба да ги потврдат или пак можеби и да ги отфрлат бугарските црвените линии.
“Во врска со планот на Франција јас ништо не сум видел црно на бело, но, се разбира, сме готови и отворени да разговараме со сите наши европски партнери кои имаат предлози, но повторно ќе кажам тие треба да бидат согласни со рамковната позиција на Бугарија дури и таа позиција да се утврди, таа треба да помине низ Народното собрание“.
Во меѓувреме во бугарската јавност стигнаа првите реакции по изјавата на претседателот Радев дека не Парламентот, туку народот ќе решава за македонското прашање. “Надворешна политика не може да се прави со референдуми“, критикува весникот “24 часа”.
„Ако тргнеме со референдум за Македонија и народот каже “не” за соседите, тоа не значи ништо друго освен да се замразиме со Македонците барем еден век. Затоа што ќе станеме лошите Бугари, кои им ја запреа нивната европска интеграција и развој. Ништо нема да добиеме, само ќе загубиме со сигурност. Државниците да не се обидуваат да ја префрлат оваа опасна топка кон народот, туку да си ја понесат нивната одговорност.
Претседател, влада и парламент - се институциите кои треба да одлучат што треба да прави државата во вакви критични ситуации”, наведува весникот.
Дел од бугарските медиуми анализираат дека постојат три сценарија во јуни. Внес на бугарските услови во преговарачката рамка, откажување од сегашната бугарска позиција и нејзина замена со нова која би содржела конкретни рокови, или пак, опстојување на ветото?
Кое ќе биде официјална бугарска позиција, ќе биде познато најверојатно до 15-ти јуни, за кога е закажана седницата на КОРЕПЕР во Брисел.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар
