Македонија
2. February 2023 - 16:44

Речиси еден тон расипано кафе пронајде полицијата, сопственикот тврдел дека не е за продажба, требало да оди на „Дрисла“

800-тини килограми кафе со поминат рок заплени полицијата. Пронајдена е и празна амбалажа за препакување на производите. 

Од МВР информираат дека станува збор за различни видови еспресо, капучино, макијато. При претрес на камион управуван од 43 годишен жител на Арачиново, полициски службеници од Куманово откриле најпрво 200 килограми кафе со изминат рок. Откако приведениот посочил од каде ја набавил робата полицијата влегла и во магацинот на 45 годишен жител на Романовце, при што сопственикот признал дека е негова. 

Во магацинот биле пронајдени дополнителни околу 600 килограми прехранбени артикли со изминат рок на траење и празна амбалажа за пакување на производите, изјави Сузана Прањиќ Талевска, портпарол на МВР.

Од Агенцијата за храна пак велат дека станува збор за вкупна заплена од 593 килограми различни видови кафе со поминат рок. Дел од производите требало да се употребат до декември 2021 година.

- Врз основа на дадената изјава од операторот, на   пазарот не е пласирана небезбедна храна односно,  целата запленета количина била наменета за уништување во депонија. Запленетата количина небезбедна храна   која била пронајдена при контролата на патничкото моторно возило, се носела на уништување во депонијата Дрисла, велат од АХВ.

Од таму додаваат дека кафето со поминат рок безбедно ќе биде уништено, а локацијата каде била извршена инспекциска контрола не била регистрирана во Агенцијата, туку истиот оператор имал фирма на друга адреса. И за двете приведени лица од МВР најавија  соодветни пријави.