Македонија
5. July 2018 - 17:11

Реакции во Грција по обраќањето на премиерот Заев пред Македонската армија

„Провокација од Заев за македонска армија, што одговара грчкото МНР“, „Заев говореше за македонска армија‘‘, „Наводите на Заев за македонска армија го разбудија грчкото МНР“, се само дел од насловите во грчките медиуми по вчерашното обраќање на премиерот Заев пред новите професионални војници, при што зборуваше за македонска армија.

Извори од грчкото МНР коментираат дека токму тоа зборува за важноста на спогодбата, со која нема да може да се користи придавката за државните институции.

 ,,Изјавата на Заев за „македонска“ армија, ја потенцира важноста од стапување во сила на Договорот од Преспа. Тоа е важно бидејќи, во договорот јасно се наведува дека придавката за државата, нејзините официјални органи и други јавни субјекти ќе се усогласат со новото име на земјата, односно во конкретниот случај „Армија на Северна Македонија“, `велат извори од грчкото МНР за државната новинска агенција.

Јоргос Кумуцакос, министерот за надворешни работи во сенка, од опозициската Неа демократија, изјавата на Заев ја оцени како провокација и на твитер ја нападна актуелната влада.

,,По злогласниот договор од Преспа, Заев и се обрати на „македонска армија“. Со само една изјава, Заев: ја провоцира Грција, ги урива аргументите од пропагандата на Ципрас-Коѕијас, дополнително го исмејува Каменос и ја потврдува правилноста на одбивањето на договорот од Нова демократија‘‘, напиша Кумуцакос.

Премиерот Заев, пак денеска изјави дека во Грција треба добро да се информираат за одредбите од спогодбата. Премиерот потенцира дека дури по завршување на сите формалности околу договорот, со отворањето на поглавјата за членство во Европската Унија, името ќе се менува во домашните институции.

,,Тоа значи дека со ратификацијата во грчкиот парламент за меѓународна употреба во сите институции на сите држави ќе се употребува новото име. Со поглавјата, како ќе се отвораат, не повеќе од 5 години на отворање на поглавје, така ќе пенетрира употребата и за дома. Тоа е договорот‘‘, изјави Заев.

Медиумите забележуваат и дека Заев им честитал на новите војници, кои ќе бидат први што ќе служат во армија која ќе биде 30-та  членка на НАТО.

Валентин Николоски, за Сител Телевизија.