Реакции на говорот на Трамп во ОН
Американскиот претседател Доналд Трамп отворено се закани со „целосно уништување“ на 25-милионската Северна Кореја, а реакциите на неговиот прв говор во Обединетите нации пристигнуваат од сите страни на светот.
Официјален Пјонгјанг се уште нема реакција на заканата од Трамп, но голем број светски лидери ја осудија неговата военствена реторика.
Во својот говор, американскиот претседател ја изнесе својата визија за свет составен од суверени држави кои работат за доброто на своите граѓани, но голем дел од неговото излагање на Генералното собрание на ОН беше посветено на нападот на „ужасните режими“ - Северна Кореја, Иран и Венецуела.
- Тоа беше погрешен говор, во погрешно време и пред погрешна публика, оцени шведската министерка за надворешни работи Маргот Валстром.
Претседателот на Австрија Александар ван дер Белен го критикуваше американскиот претседател, оценувајќи дека се работи за објавување војна на Европската унија. Тој истакна дека е загрижен поради „ретроградно нагласување на национални држави“, во говорот на Трамп.
За Трамп лошата ситуација во Венецуела е „целосно неприфатлива“. Тој истакна дека САД не можат само да стојат на страна и да гледаат. Предупреди дека САД разгледува натамошни чекори.
Министерот за надворешни работи на Венецуела Хорхе Араеза ги отфрли заканите на Трамп.
- Тој не е претседател на светот...тој не може да управува ниту со својата сопствена Влада, порача венецуелскиот министер.
Францускиот претседател Емануел Макрон, кој исто така говореше на Генералната седница на ОН, го бранеше нуклеарниот договор со Иран, за кој американската администрација бара измени.
- Поништувањето на договорот би бил страшна грешка, истакна Макрон.
Еден од ретките лидери кој ја поддржа реториката на Трамп е израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој оцени дека договорот со Иран треба да се измени или во целост да се поништи.
Во анализата на „Гардијан“ се наведува дека ваков говор на Генералното собрание на ОН досега не одржал ниту еден американски претседател.
„Не е тоа прв таков говор во ОН, но со таква реторика не се служел ниту еден американски претседател. Говорот на Трамп потсетува на обраќањата на Никита Хрушчов, Фидел Кастро или Уго Чавез“, наведува „Гардијан“.
Во анализата уште се наведува дека досега немало отворени закани со „целосно уништување“, а интересно е тоа дека Трамп не ја насочил заканата кон режимот на севернокорејскиот диктатор Ким Џонг-ун, туку кон целата држава, во која живеат над 25 милиони луѓе.
„Гардијан“ како интересен момент го истакнува и тоа дека заканите Трамп ги изнесе само неколку минути откако генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш апелираше на „смирена реторика“.
„Во својот прв говор во ОН, Трамп жестоко ги нападна Северна Кореја, Венецуела и Иран, но `заборави` да спомне три фактори кои, и тоа како, влијаат на светската безбедност. Глобалното затоплување (за кое обожавателите на Трамп мислат дека е либерална завера, а не научен факт), Русија (суперсила со територијални претензии кон соседите) и Саудиска Арабија, земја која е главен светски извор на исламистичкиот тероризам)“, се наведува во анализата на „Гардијан“.
Одговорот на прашањето зошто Трамп не ги споменал овие три држави, можно е да се крие во брифингот со новинарите пред почетоког на седницата на ОН ја одржа висок функционер на Белата куќа, наведува „Гардијан“. Овој функционер инсистирал на „длабок филозовски“ аспект на обраќањето на Трамп, кој значел негов пристап кон надворешната политика, наречен „принципиелен реализам“.
Токму тој „принципиелен реализам“ досега го користеше и администрацијата на Трамп за да оправда отсуството на каква и да е критика кон Саудиска Арабија, Русија и други (перцепирани или реални) американски надворешнополитички партнери, наведува „Гардијан“.
Ново на Сител
-
Апсења во случај на корупција во кој е вклучена агенција на НАТО
-
Таравари: Јас поднесувам оставка, другите ќе бидат разрешени
-
Зеленски рече дека е подготвен за каков било формат за преговори за ставање крај на војната
-
Пратениците донесоа повеќе закони, долга дискусија по измените на Законот за Инспекторат за употреба на јазиците
-
Приведен 33 годишник од Битола, при претрес на неговиот дом пронајдени се дрога и воздушна пушка
-
Студентите од Правниот факултет во Ниш поднесоа кривична пријава против Вучиќ поради посетата на пациенти од Кочани во УКЦС
-
Почна протестот на семејството на Фросина Кулакова која загина во сообраќајка на „Партизанска“
-
Обвинителството бара замена на мерката „притвор“ со „куќен притвор“ за поранешен министер за економија и државен секретар за трагедијата во Кочани