Македонија
11. March 2021 - 17:05

Разрешена судијката Софија Лаличиќ

Со 11 гласа “за” и 2 “против” Судскиот совет донесе одлука за разрешување на судијката Софија Лаличиќ од Основниот Кривичен суд во Скопје. Во образложението се наведува дека одлуката е донесена поради нестручно и несовесно вршење на судската функција.

За Лаличиќ ваквиот потег е преседан, бидејќи никогаш до сега не се случило судија да биде разрешен поради тоа што бара одговорност од адвокат.  Во случајот таа казни со 2,000 евра адвокат кој лично ја навредувал на социјалните мрежи нарекувајќи ја сваровски судијка. Подоцна кривичниот совет на судот ја укина одлуката на Лаличиќ.

Лаличиќ ќе поднесе жалба и како што вели, очекува правда во врска со одлуката на Судскиот совет. А, Лаличиќ е најнова во низата разрешени судии. Неодамна истото се случи и со Лидија Неделкова, која беше судијка во Основниот суд Скопје 1. Поради злоупотреби на АКМИС системот за распределба на судски предмети разрешени беа и Татјана Михајловска и Владимир Панчевски. Разрешен беше и поранешниот претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски.