Македонија
1. August 2021 - 16:39

Расте бројот на нови случаи – над 60% увезени од странство

Околу 60 проценти од хоспитализираните со ковид во македонските болници се од дијаспората и граѓани вратени од летен одмор. Оваа информација за Сител ја потврди и министерот за здравство Венко Филипче кој вели дека будно ја следат состојбата но дополнителни мерки засега нема. Во моментот на болничко лекување има 48 пациенти што е двојно повеќе од пред два дена кога имаше 23-ца.

Свадбените кластери почнаа да ги полнат болничките капацитети а тоа го покажуваат и бројките од болницата во Тетово каде има 13 лица на лекување и речиси сите се на кислородна поддршка. Од болницата за Сител потврдија дека тројца од пациентите се тетовчани кои живеат во Италија а четворица во Германија. Најголем број се невакцинирани но има и такви кои примиле една доза на вакцина.

Незаштитени од ковид се и хоспитализираните во прилепската болница а слична е состојбата и во останатите ковид одделенија во земјата каде по краткото затишје почнаа со приеми на болни. На Инфективна во Скопје има 20 а петмина се во кумановската болница.

Иако здравствените власти моменталната состојба ја оценија како прилично мирна, епидемиолози и лекари прогнозираат експанзија од средината на месецот. Со скромна августвоска прогноза на фејсбук излеле и др. Нико Беќаровски кој упати и апел до неговите колеги.

-По пеколната недела со високи температури во Македонија, која ќе трае до 9 август со температури до 44°С, од 10-ти август се очекува пад на температурите, но неконтролиран раст на Ковид-19 статистиката.

Почитувани мои здравствени работници и соработници, искористете ги следниве 10 дена да се разладите во солена/слатка/кисела вода, а потоа повторно "ќе пливаме" во сопствената пот, под скафандерите и маските.

Ако е за утеха, потењето е најдобар дополнителен начин за детоксикација на организмот, напиша Беќаровски.

Поради експанзијата на делта сојот во многу земји има рестрикции за невакцинираните а такви мерки за наесен најави и Филипче.