Распит на сведоци и вештачења за пожарот во Кочани
Јавното обвинителство е во потрага по докази за трагедијата во Кочани. Во единаесетиот ден од почетокот на предистражната постапка, се повикуваат сведоци на распит, се спроведуваат тековни анализи и вештачења. Под лупа, како што велат од обивнителството, се повеќе институции кои овозможиле работа на дискотеката Пулс.
„Јавните обвинители од тимот кој ја води предистражната постапка континуирано преземаат повеќе истражни дејствија за обезбедување докази. Таквите дејствија кои вклучуваат распити, анализи и вештачења од голем обем и во однос на повеќе различни институции се во тек и денеска. Меѓутоа, за да се зачува тајност на постапката и да се спречи компромитирање на доказите, обвинителството не е во можност во моментов да открива повеќе детали за активностите“, велат од Јавното обвинителство.
Претходно, обвинителството објави дека за расветлување на случајот правени се претреси со кои се одземени мобилни и компјуетери, а финансиското работење на диското го проверува и финасовата полиција. Планиран е распит и на повеќе од 300 сведоци.
Од опозициската ДУИ обвинија дека истрата е политички водена и како што велат, фарса во одбрана на вистинските виновници.
„Полициските структури, секако помогнати од Власта, создаваат нова приказна во која ниту еден полициски раководител, ниту еден началник, ниту еден раководител на полицијата не е виновен. Напротив, обвинет е поранешен министер за економија, човек кој никогаш не стапнал во Кочани, што нема апсолутно никаква надлежност за безбедносни проверки на објекти или контрола на локали“, изјави Билали Зендели, ДУИ.
По трегадијата во која загинаа 59 лица, а над 200 се повредени, почна интензивна проверка на лиценци и дозволи за работа на угостителски објекти, градежни компании, училишта, колективни згради. Кај сите се проверува и системот за противпожарна заштита.
„Во делот на угостителските објекти, контролите траат кај објектите за прослави и сите надлежни институции во делот на контролите ги прават потребните проверки“, велат од Владата.
Првичните проверки покажаа дека голем дел од објектите имале истечени лиценци, но, не ги исполнувале ниту минималните услови за работа.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар