Балкан
24. January 2022 - 12:47

Рама: Да му дадеме на народот нормален човек за претседател

Албанскиот премиер Еди Рама на средба со пратеничката група на неговата Социјалистичка партија, изјави дека една од работите што владејачкото мнозинство мора да ја направи е да се избере нов претседател во април.

Иронизирајќи го актуелниот претседател, Илир Мета, Рама рекол дека во следните пет години на чело на државата треба да дојде нормален човек, додавајќи дека ќе се изнајдат начини да се добие мислење од граѓаните за ова.
 
-За претседател…Мора да размислиме како да се консултираме со граѓаните за оваа одлука, мораме да најдеме начин да добиеме мислење од граѓаните за новиот претседател на Републиката, по низата настани кои доведоа до минус на оваа личност. Имаме одговорност пред народот на чело на државата да дојде нормален човек на прво место, да ја вратиме човечката и моралната нормалност на оваа функција, нема да падне од небо, ќе биде меѓу нас, но имаме обврска на таа функција да дојде нормален човек во следните 5 години, рекол Рама.

Тој додава дека тоа треба да биде „морално и професионално нормална фигура“, па затоа замолил да размислат за тоа и секој што има идеја за ова да ја сподели.

Петгодишниот мандат на претседателот Мета завршува на 24 јули годинава, а според Уставот постапката за изборпочнува во април. Во меѓувреме Уставниот суд треба да се произнесе околу уставноста на одлуката на парламентот за негово разрешување, донесена во јуни минатата година.

Расправата беше закажана за 18 месецов, но поради тоа што известителот бил позитивен на коронавирус одложена е за први февруари. Доколку судиите одлуката ја оценат за уставна, тоа би било прв преседан на разрешување на шеф на државата.

Според Уставот, надлежностите до избор на нов претседател, што го избира парламентот, ги презема претседателката на законодавниот дом Линдита Никола.