Македонија
18. јуни 2022 - 16:38

Радев гледа чекор напред, Петков ќе го чека Собранието, а Скопје одлуката во Софија

Францускиот предлог е чекор напред, но има свои недостатоци. Бугарскиот претседател Радев со свој коментар за документот кој треба да обезбеди кревање на ветото, но и со критики до Петков. 

Вие сте премиер на Бугарија, а не француски курир, му забележа Радев на Петков, за тоа што тој не зазема позиција за предлогот, туку одлуката ја префрла во Народното Собрание.

Шефот на бугарската држава смета дека има сет на прашања кои не се јасно опфатени во францускиот предлог и поради кои тој е против кревање на ветото.

“Впишувањето на Бугарите во Уставот не е доволно, нема јасни механизми за искоренување на дебугаризацијата, кражба и фалсификување на бугарската историја, реставрација на споменици, зачувување на бугарското културно и историско наследство, компензација за жртвите и репресираните што се нарекуваат Бугари”

А на неколку дена до одржувањето на Европскиот Совет, Бугарија која е во сред политичка криза нема одлука со каков став ќе патува во Брисел. Иако Уставот му овозможува самостојна одлука, премиерот Петков дециден – неа ќе ја донесат народните избраници.

“Кога ќе се смени Уставот и влезат Бугарите по автоматизам ќе почнат преговорите...Нека се произнесе Комисијата, нека МНР ги објасни деталите, па нека гласаат пратениците, а јас ќе ја исполнам таа волја...”

Прифатлив или не е францускиот предлог не се знае ни од официјално Скопје. Министерот Османи смета дека е правилно прво да се почекаат земјите членки на ЕУ и нивното мислење за текстот, пред да се изјаснат како Влада.

Правиме анализа на секој збор и нема да брзаме, вели Османи, воедно водејќи сметка за македонските интереси.

Францускиот предлог за македонска деблокада предвидува кревање на ветото на 23 јуни, кога Советот за општи работи на ЕУ ќе ја усвои Преговарачката рамка за Македонија, а истиот ден да биде закажана политичка меѓувладина конференција.

Почетокот на преговорите е предвиден откако Македонија ќе го смени Уставот, а во однос на македонскиот јазик, тој во Преговарачката рамка ќе биде наведен без дополнителни објаснувања.

Француската формула предвидува Бугарија и Македонија ќе достават унилатерални изјави за македонскиот јазик, кои ќе бидат приклучени само кон записникот од првата меѓувладина конференција.

Во преговарачката рамка пишува дека Македонија ќе усвои Акциски план посветен на заштита на правата на малцинствата и заедниците, а задолжителни се и опипливи резултати од спроведување на Договорот за добрососедство.