Македонија
17. September 2016 - 9:09

Работилница за сертифицирањето и стандардите во органското земјоделство

Здружението на агроновинари на Република Македонија МЕДИА ПЛУС со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка денеска и утре во Велес организира работилница на која ќе бидат отворени повеќе прашања за органското земјоделство.

Предизвиците и пречките со кои се соочуваат македонските производители, принципот на сертифицирање, стандардите, политиките и мерките за поддршка на секторот, состојбата во светски рамки, се само некои од темите на кои ќе се дискутира со претставници од надлежните институции и од реалниот сектор. Меѓу другото, ќе стане збор и за контролата на органските производи во земјава.

 

Предвидени се и теренски посети, во Мустафино, на земјоделското стопанство „Липа“ кое произведува органски грав, како и во Скопско, на расадникот Китка и на продавницата за органска храна „БиоКулт“.

На работилницата се поканети професори од Факултетот за земјоделски науки и храна, експерти од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и од Агенцијата за храна и ветеринарство, а ќе присуствуваат и гости од Швајцарија, органски производители кои ќе ги споделат своите практични искуства.