Македонија
18. September 2023 - 12:27

Работилница против сајбер насилство во Струмица

Од вербални навреди, преку омаловажување па се до споделување на фотографии и видео материјали. Сајбер насилството станува се поприсутно. И покрај тоа што младите знаат за што се работи тие во голем број случаи не го препознаваат уште на самиот почеток. Најчесто тоа се случува кога овој тип насилство ќе дојде до некој повисок стадиум. Според професорот Никола Смилков од факултетот за образовни науки од универзитетот Гоце Делчев во Штип, едукацијата е многу важна за да може овој тип насилство да се препознае колку што е можно порано.

„Треба да влезе борбата против сајбер насилството во образованието. Ние имаме информатика како предмет, но треба да се збогати со содржини за препознавање и борба против сајбер насилството. И мислам дека тоа треба да бидат првите содржини кои ќе се изучуваат по предметот на информатика. И не само информатика, тука зборувам и за другите предмети. И ликовно образование исто така треба да биде застапено од таа графичка страна сајбер насилството,“ вели професор Никола Смилков, Факултет за образовни науки, УГД „Гоце Делчев“ - Штип.

И младите се согласуваат дека е потребна поголема едукација на оваа тема. Иако знаат што е сајбер насилство сметаат дека многу од нивните врсници ги немаат потребните информации и механизми за да можат самите да се заштитат.

Сајбер насилството беше тема и на работилницата што ја организираше организацијата на жени од Струмица. Под мотото „Сподели, заштити се“ млади на возраст од 16 до 25 години изработуваа аматерски цртежи и фотографии за сајбер насилството меѓу младите и за превенција и спречување на истото. Проектот се реализира со поддршка на СМАРТ Балкан - Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан“ финансиран од Кралството Норвешка.